Брзата храна му штети на севкупното здравје

Во денешниот напис ќе зборувам за штетните последици по здравјето од преработената и таканаречена брза храна. Овие факти се неопходни зашто во светот, особено кај посиромашните, извонредно многу се користат токму ваквите продукти. Овој напис е базиран на проверени научни сознанија.
Ултрапреработената храна опфаќа многу секојдневни производи, како што се житарки за појадок, разни грицки, смоки, спакуван леб и инстант супи. Тие се произведени така што се привлечни, практични за употреба и остануваат свежи подолг временски период. Многу од нив содржат вештачки засладувачи, бои и други состојки што ретко се користат при готвењето дома.
Овие производи сочинуваат значителен дел од исхраната на децата, особено во Соединетите Американски Држави, каде што претставуваат приближно 67 отсто од калориите што ги внесуваат децата. Н, и кај нас не е поинаку: сведоци сме дека децата ги сакаат ваквите производи, кои се вкусни, достапни и релативно евтини.
Научниците открија изненадувачка поврзаност помеѓу ултрапреработената храна, зголемената активност во мозочните системи за наградување кај децата и зголемениот процент на телесни масти, само една година по нивното внесување.
Децата што консумираат повеќе ултрапреработена храна може да имаат посилни мозочни реакции на примамливи прехранбени производи, што може да помогне да се објасни зошто овие производи се поврзани со зголемување на телесната тежина. Новата студија, објавена во „ЏАМА нетворк опен“ (JAMA Network Open 2026), покажа дека децата што јаделе повеќе од оваа храна пројавувале зголемена активност во мозочниот систем за наградување кога гледале слики од апетитна храна. Овие посилни реакции, исто така, биле поврзани со зголемување на телесните масти во текот на следната година.
Претходните истражувања ја поврзуваат консумацијата на ултрапреработена храна со дебелина, дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести. Сепак, научниците сè уште се обидуваат да ги разберат биолошките процеси што би можеле да ги објаснат овие врски. Новото истражување, делумно поддржано од Националните институти за здравје (National Institutes of Health), комбинирало снимање со магнетна резонанца (МРИ), процени на исхраната и мерења на телесниот состав кај децата, со цел да се испита дали реакцијата на мозокот на храната би можела да игра улога во сите тие промени.
Мозокот на децата сè уште се развива, навиките сè уште се формираат, а преференциите кон одредена храна сè уште се создаваат. Ова е важен период во кој мозокот е многу чувствителен на храната и на прехранбената средина. Разбирањето на овие процеси е многу важно кај децата, бидејќи раната интервенција може да донесе вистинска промена во нивниот развој.
Скенирањата на мозокот откриваат врска со идното зголемување на телесната тежина и начинот на исхрана.

За да ги истражат овие врски, истражувачкиот тим проучувал деца на возраст меѓу седум и десет години, студија што ги испитува факторите што придонесуваат за дијабетес и дебелина. Секој учесник имал здрава тежина кога започнало истражувањето, давајќи им можност на научниците да истражат потенцијални предупредувачки знаци пред да се развие прекумерна тежина.
На почетокот на студијата децата биле подложени на скенирање на мозокот додека гледале слики од привлечна храна (како колачиња или помфрит). Истражувачите исто така собрале информации за нивната исхрана и следеле неколку мерки на здравјето, вклучувајќи индекс на телесна маса (БМИ), процент на телесни масти и обем на половината. По една година, тимот повторно ги измерил овие физички карактеристики за да идентификува промени.
Скенирањата на мозокот откриле значаен модел. Децата што консумирале поголеми количества ултрапреработена храна покажале поголема активност во дорзалниот стриатум кога гледале слики од храна. Овој дел од мозокот помага во регулирањето на наградата и мотивацијата, што го прави особено релевантен за тоа како луѓето реагираат на посакуваната храна.
Важно е да се напомене дека децата со посилни реакции во овој мозочен регион исто така имале тенденција да доживеат поголемо зголемување на БМИ и процентот на телесни масти во текот на следната година. Наодите сугерираат дека зголемената чувствителност на сигнали за храна може да биде еден фактор што ги поврзува ултрапреработените диети со последователното зголемување на телесната тежина.
До крајот на студијата, децата што консумирале повеќе ултрапреработена храна генерално имале повисок БМИ, поголем процент на телесни масти и поголем обем на половината.
Потоа истражувачите испитале дали разликите во мозочната активност би можеле да помогнат во објаснувањето на овие асоцијации. Кога ја приспособиле својата анализа за да ги земат предвид одговорите на децата во дорзалниот стриатум, врската помеѓу внесувањето ултрапреработена храна што во тој период ја намалиле и БМИ станала за 31 отсто послаба. Соодветната поврзаност со процентот на телесни масти се намалила за 44 отсто.

Овие намалувања сугерираат дека одговорот на мозокот на наградување може да помогне во објаснувањето на дел од врската помеѓу консумирањето ултрапреработена храна и промените во составот на телото. Иако резултатите не покажуваат дека овие намирници директно ја менуваат функцијата на мозокот, тие даваат можно биолошко објаснување за поврзаноста што е забележана во претходните истражувања.
Оваа студија дава увид во невробиолошките основи со кои овие намирници можат да бидат поврзани со составот на телото во текот на времето. Истражувачите предупредуваат дека подобрувањето на исхраната на децата не може целосно да зависи само од семејствата. Ултрапреработените производи често се евтини, широко достапни и лесни за приготвување, што ги прави практични избори за домаќинствата што се соочуваат со финансиски или временски ограничувања.
Затоа, промената на прехранбената средина е важен дел од решението со цел да им се помогне на луѓето да пристапат до поздрава, минимално преработена храна.
Во меѓувреме, студијата ќе продолжи да ги следи учесниците додека тие минуваат низ пубертетот и влегуваат во периодот на раната зрелост. Преку долгорочно следење на развојот на мозокот, составот на телото, навиките во исхраната и општата здравствена состојба, истражувачите се надеваат дека ќе добијат појасна слика за тоа како исхраната во детството може да влијае врз здравјето на долг рок.
Според една друга, исто така нова студија, објавена во „Неуролоџи“ (2025), списание на Американската академија за неврологија, кај луѓето што консумираат повеќе ултрапреработена храна – како што се житарки за појадок, колачиња и виршли – постои поголема веројатност за појава на рани знаци на Паркинсонова болест, во споредба со оние што консумираат многу малку таква храна. Студијата не докажува дека консумирањето поголеми количества ултрапреработена храна предизвикува рани знаци на Паркинсонова болест – таа само укажува на поврзаност.
Дополнително, докажано е дека луѓето што консумираат повеќе ултрапреработена храна – како што се газирани пијалаци, чипс и колачиња – може да имаат поголем ризик од појава на проблеми со помнењето и размислувањето, како и од мозочен удар, во споредба со оние што јадат помалку преработена храна.
Ултрапреработената храна сочинува огромен дел од американската исхрана, а уште едно поново истражување сугерира дека таа може да носи уште еден сериозен ризик по здравјето на мажите. Во национално репрезентативна студија на повеќе од 17.000 американски мажи, оние што јаделе повеќе ултрапреработена храна, вклучувајќи безалкохолни пијалаци, спакувани грицки, житарки и преработено месо, имале приближно 24 отсто до 31 отсто поголем ризик од рак на простата, откако биле земени предвид фактори како што се возраста, пушењето, расата и етничката припадност и статусот на сиромаштија.
Јадењето големи количества ултрапреработена храна, како што се чипс, замрзнати оброци, шеќерни пијалаци и спакувани грицки, може значително да го зголеми ризикот и од сериозни срцеви проблеми. Во една голема американска студија луѓето што консумирале околу девет порции дневно имале 67 отсто поголем ризик од срцеви удари, мозочни удари или смрт од срцеви заболувања во споредба со оние што јаделе околу една порција. Ризикот не скокнал само поради високите нивоа на ваквата храна. Секоја дополнителна дневна порција ја зголемувала веројатноста за овие настани за повеќе од пет отсто, дури и по земањето предвид на калориите, целокупниот квалитет на исхраната и вообичаените здравствени состојби.

По приспособувањата, истражувачите открија дека поголемото внесување ултрапреработена храна е поврзано со осум отсто зголемување на ризикот од мозочен удар, додека поголемото внесување непреработена или минимално преработена храна е поврзано со девет отсто намален ризик од мозочен удар. Ефектот од консумирањето ултрапреработена храна врз ризикот од мозочен удар бил поголем кај црните учесници, со релативно зголемување на ризикот од мозочен удар од 15 отсто.
Наодите покажуваат дека степенот на преработка на храната игра важна улога во целокупното здравје на мозокот. Потребни се повеќе истражувања за да се потврдат овие резултати и подобро да се разбере која храна или компоненти за преработка најмногу придонесуваат за овие ефекти.
Според тоа, пораката би била – не користете вкусна, примамлива, евтина и достапна брза храна! Особено е важно ваквата храна да се исклучи кај децата за да им се обезбеди добар невропсихолошки и телесен развој. Да се вратиме на традиционалните навики – мајките и бабите да готват домашни јадења со наши локални производи!

Акад. Нада Поп-Јорданова