Во Македонија 33,9 отсто од домаќинствата во 2025 година имале издржувани деца, додека 66,1 отсто биле без деца, покажуваат најновите податоци на Евростат за структурата на домаќинствата.
Уделот на домаќинствата со деца во земјава е значително повисок од просекот во Европската Унија, каде што изнесува 23,3 отсто. Во ЕУ, 76,6 отсто од домаќинствата се без деца.
Во Македонија во 2025 година имало вкупно 595.600 домаќинства. Од нив, 393.400 биле без деца, а 202.200 имале издржувани деца.
Просечниот број деца по домаќинство изнесувал 0,60, што претставува намалување од 25 отсто во споредба со 2015 година, кога просекот бил 0,80 деца.
Истовремено, просечната големина на домаќинството во земјава изнесувала меѓу 3,1 и 3,2 члена, што е повеќе од европскиот просек од околу 2,3 члена.
На ниво на Европската Унија, уделот на домаќинствата со деца континуирано се намалува во изминатите 15 години. Во 2010 година изнесувал 26,9 отсто, во 2015 година – 25,9 отсто, во 2020 година – 25 отсто, а во 2025 година паднал на 23,3 отсто. Тоа значи дека речиси осум од десет домаќинства во ЕУ немаат деца.
Во последната деценија се зголемил и уделот на домаќинствата составени од едно возрасно лице без деца – од 33,6 отсто во 2015 година на 37,5 отсто во 2025 година. Во истиот период, уделот на домаќинствата составени од двојки со деца се намалил од 16,6 на 14,7 отсто.
Меѓу членките на ЕУ, најголем удел на домаќинства составени од двојки со деца има Словачка – 20,3 отсто. Следуваат Кипар со 19,6, Чешка со 18,4 и Луксембург со 18,3 отсто.
Домаќинствата составени од едно возрасно лице со деца претставувале три отсто од вкупниот број домаќинства во Унијата. Најголем удел на вакви домаќинства е регистриран во Естонија – 9,4 отсто, Летонија – седум и Ирска – 6,9 отсто.
Домаќинствата составени од едно лице без деца биле најзастапени во Литванија, каде што нивниот удел достигнал 62,5 отсто. Следуваат Естонија со 53,8 и Финска со 47,9 отсто.
































