Фото: ЕПА

Турските власти покренаа истраги против 632 лица и 91 компанија под сомнение за организирана измама, прекршување на Законот за пазар на капитал и перење пари, во рамки на постапките поврзани со кризата на турската берза. Министерството за правда презеде и мерки за заплена на имот и блокирање банкарски сметки на осомничени лица и компании.

Информацијата ја соопшти турскиот министер за правда Акин Гурлек, кој преку објава на социјалната мрежа „Икс“ информираше дека истрагите ги води Главното јавно обвинителство во Истанбул.

Како дел од истражните постапки, во 91 компанија се назначени привремени администратори, а нивното управување е префрлено под надлежност на Фондот за осигурување на штедни депозити (TMSF).

Дополнително, запленет е имотот на 181 правно лице и 551 физичко лице, а блокирани се и нивните банкарски сметки. Според Гурлек, запленети се и акции во 307 компании, покрај имотот на компаниите над кои е воспоставена привремена управа.

Истрагите се поврзани со случувањата на турската берза на 16 септември, кога дојде до нагло намалување на цените на акциите и прекин на тргувањето, што предизвика сериозна загриженост на финансискиот пазар.