Фото: Маја Јаневска Илиева

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ги отфрла наводите дека се укинува вториот пензиски столб со предлогот за бришење на членот 120, односно на одредбата за уплата на 6 отсто во вториот пензиски столб.

-Не се укинува вториот пензиски столб. Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не се укинува ниту вториот пензиски столб ниту придонесот што се уплаќа во него. Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата. Со член 17 од Предлог-законот, кој е објавен на ЕНЕР, се предлага бришење на член 120 од постојниот закон кој ја регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб. Но, тоа не значи дека придонесот се укинува или дека се укинува вториот пензиски столб – наведува Велковски во писмена изјава, пренесе МИА.

Напротив, додава министерот, неговото нормативно уредување се пренесува во Законот за задолжителни социјални придонеси, каде што системски ќе се регулираат прашањата поврзани со задолжителните социјални придонеси.

-Значи, вториот пензиски столб продолжува да постои, а придонесот продолжува да се уредува со закон. Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб – појаснува Велковски.