Се подготвуваме за вклучување на ТЕЦ „Неготино“ за производство на електрична енергија, со раководството на АД ЕСМ е подготвен финансиски модел што ги опфаќа сите домашни енергетски капацитети, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Делчево.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ТЕЦ „Неготино“ ќе работи за производство на електрична енергија, Мицкоски посочи дека моделот ги опфаќа и блоковите во Битола, термоцентралата „Осломеј“ и хидроцентралите.
– Се подготвуваме за вклучување на ТЕЦ „Неготино“. Со раководството на АД ЕСМ, поранешно АД ЕЛЕМ, подготвивме финансиски модел што ги опфаќа ТЕЦ „Неготино“, блоковите во Битола, термоцентралата „Осломеј“ и хидроцентралите. Очекуваме поволни хидролошки услови во текот на зимата за загубите од зимскиот период да ги надоместиме напролет и во текот на годината – рече Мицкоски.
Нагласи дека при сегашната цена на мазутот, производствената цена во ТЕЦ „Неготино“ е значително пониска од берзанските цени во одредени денови.
– Со сегашната цена на мазутот на берзите, производствената цена во ТЕЦ „Неготино“ би се движела од 170 до 175 евра за мегават-час. Во одредени денови цените на берзите достигнуваат и од 400 до 500 евра за мегават-час. Економскиот модел предвидува АД ЕСМ да заработува во одредени периоди од годината и од денот за да ги покрие очекуваните загуби во декември и јануари – рече Мицкоски.
Оцени дека планот е остварлив и најави почеток на транспортот на јаглен од Косово.
– Планот е остварлив. Ќе почне и транспортот на јаглен од Косово. Имаме договор во наредните три години таму да ископаме три милиони тони јаглен и да го донесеме кај нас. Цената е многу пониска од цената на јагленот што во моментов се носи од другите соседни земји. Кога ќе се согледа целиот план, мислам дека сме на добар пат – истакна Мицкоски.
Премиерот денеска престојува во посета на Делчево, каде што заедно со министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за спорт Борко Ристовски изврши увид во градежните активности на Здравствениот дом „Гоце Делчев“ и на почетокот на градежните работи за реконструкција на градската спортска сала во Делчево.
































