Фото: МОН

Со меѓународната научна конференција „Од национални приказни до испреплетени истории“, Институтот за историја при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одбележува 80 години од своето основање.

На конференцијата се обрати министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која им го честиташе јубилејот на раководството и на вработените. Таа посочи дека низ Институтот поминале многу генерации професори, истражувачи и студенти што оставиле траен белег во академската и општествената заедница. Како што рече, со својот труд тие придонеле за проучување, документирање и афирмирање на историското наследство, како и за негово пренесување на новите генерации.

– Денес, во време на брз проток на информации, различни толкувања на историските настани и сè почести обиди за релативизирање на историските факти, улогата на историчарите е особено значајна. Одговорноста на научната заедница е преку аргументирани истражувања, научна објективност и критички пристап да ги утврдува и афирмира историските вистини. Само така можеме да изградиме општество кое ја познава сопствената историја, ги почитува фактите и знае да учи од минатото – рече Јаневска.

Таа истакна дека Министерството за образование и наука останува посветено на унапредувањето на високото образование и научноистражувачката дејност, на создавањето подобри услови за работа на академската заедница и на поттикнувањето на младите истражувачи.

– Институтот за историја секогаш ќе ја има нашата поддршка. Верувам дека во наредните децении ќе продолжи да биде значаен центар на знаење, научна мисла и образование, да образува квалитетен кадар и со нови истражувања и достигнувања да ја збогатува македонската историографија и да ја афирмира во меѓународни рамки – додаде министерката.