Фото: Принтскрин

Со цел поголема заштита на децата и младите од опасностите во дигиталниот простор, Министерството за внатрешни работи, во соработка со Европол и полициските служби од регионот, спроведува меѓународна кампања под мотото „Кажи НЕ!“.

Кампањата е насочена кон подигнување на јавната свест за сексуалната злоупотреба на деца преку интернет, како и кон едукација за препознавање и спречување на ваквите облици на криминал.

Од МВР посочуваат дека сексуалната злоупотреба на деца во дигиталниот простор претставува сериозно кривично дело, чии последици можат долгорочно да влијаат врз животот и психолошката благосостојба на жртвите.

Меѓу потенцијалните опасности се издвојуваат споделувањето фотографии и видеоматеријали, комуникацијата со непознати лица, како и злоупотребата на довербата што сторителите ја стекнуваат кај децата и младите.

Преку оваа иницијатива, посебен акцент се става на информирањето на децата, младите, родителите и пошироката јавност за начините на препознавање и спречување на сексуалната злоупотреба во дигиталната средина.

Од Министерството нагласуваат дека безбедноста на најмладите на интернет е заедничка одговорност, а навремената реакција, внимателноста и пријавувањето на сомнителни ситуации се особено важни за спречување на злоупотребата.

„Кажи НЕ на злоупотребата. Кажи НЕ на споделувањето интимни содржини. Заштити се себеси и другите!“, е пораката што ја испраќаат организаторите на меѓународната кампања.