Македонија располага со конкурентни услови за привлекување странски инвестиции, стабилни даночни стапки и поволна трговска позиција, порача вицепремиерот и министер за финансии Александар Николоски на средбата со претставници на Јапонската организација за надворешна трговија (ЈЕТРО).
На средбата биле презентирани економските показатели на земјата, инвестициските можности и потенцијалите за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Јапонија.
Николоски посочи дека земјата бележи континуиран раст на бруто-домашниот производ, позитивни движења во индустриското производство и раст во градежништвото во последните 11 последователни квартали.
Според него, очекувањата се годината да заврши со раст на БДП од 3,8 проценти, додека инфлацијата во просек се движи околу три проценти.
– Две години имаме стабилен раст на бруто-домашниот производ, а позитивни движења бележи и индустриското производство. Во градежништвото имаме раст веќе 11 последователни квартали. Во таа насока инвестираме и со буџетски и со приватни средства – истакна Николоски.
Како една од предностите за странските инвеститори, тој ја посочи даночната политика, наведувајќи дека персоналниот данок на доход и данокот на добивка изнесуваат по 10 проценти. Дополнително, добивката што се реинвестира не се оданочува, посочи вицепремиерот.
Меѓу останатите поволности ги издвои обучената работна сила, примената на дуалното образование и трговските договори што на македонските компании им овозможуваат пристап до повеќе пазари.
Николоски потсети дека Македонија има договорни трговски односи со Европската Унија, е членка на ЦЕФТА и има потпишано договори за слободна трговија, како и договори за стратешко партнерство со Велика Британија, Турција, Унгарија и САД.
Осврнувајќи се на актуелните глобални економски предизвици, тој нагласи дека државата настојува да ги зачува позитивните економски движења и стабилноста.
На средбата со претставниците на ЈЕТРО била изразена и подготвеност за натамошно продлабочување на билатералните односи, особено во делот на трговската размена, инвестициите и другите форми на економска соработка.
ЈЕТРО е јапонска владина организација чија основна задача е поттикнување на меѓународната трговија, инвестициите и деловната соработка меѓу Јапонија и другите земји.































