На маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), во кинескиот град Шенжен, започна историската трилатерална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.
Во фокусот на разговорите се глобалната безбедност, нуклеарното разоружување, меѓународните конфликти и војната во Украина, пренесе „Ројтерс“.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во воведното обраќање порача дека трите држави имаат значајна улога во решавањето на глобалните предизвици, нагласувајќи ја потребата од соработка и одговорност.
– Мораме да учиме од историјата. Тешките времиња покажуваат кој навистина е подготвен да преземе одговорност – истакна Си.
Рускиот претседател Владимир Путин, од своја страна, ја нагласи заедничката одговорност на Москва, Вашингтон и Пекинг за зачувување и зајакнување на меѓународното право.
Тој оцени дека трите земји имаат заеднички интереси во решавањето на регионалните кризи, вклучително и конфликтот во Украина.
– Русија, САД и Кина можат значително да придонесат за зајакнување на мирот и стабилноста – порача Путин.
Американскиот претседател Доналд Трамп средбата ја оцени како историски момент, посочувајќи дека тројцата лидери имаат посебна одговорност во однос на иднината на светот.
– Ние тројцата навистина испишуваме историја – рече Трамп, додавајќи дека разговорите меѓу лидерите на трите најголеми светски сили се неопходни за решавање на меѓународните проблеми.
Тој ги критикуваше претходните светски лидери поради избегнувањето дијалог со државите со кои имале несогласувања, оценувајќи дека таквиот пристап не придонесува за решавање на конфликтите.
Посебен акцент Трамп стави на нуклеарното разоружување, нагласувајќи дека САД, Русија и Кина се во единствена позиција да разговараат за намалување на светските нуклеарни арсенали.
– Трите најголеми нуклеарни сили во светот се во единствена позиција да разговараат за тоа како да се намали бројот на нуклеарно оружје на Земјата – изјави американскиот претседател.
Тој призна дека откажувањето од нуклеарното оружје е исклучително тежок процес, но нагласи дека соработката меѓу трите држави е важна за постигнување напредок.
Трамп потврди и дека во разговорите ќе биде опфатена војната во Украина, откривајќи дека претходно во текот на денот имал долг разговор со рускиот претседател Владимир Путин за ова прашање.
По завршувањето на воведните изјави, новинарите и снимателските екипи ја напуштија просторијата, по што тројцата претседатели ги продолжија разговорите зад затворени врати.
Средбата се одржува во период на сериозни геополитички тензии, а нејзиниот исход би можел да има значајно влијание врз меѓународните односи и глобалната безбедност.































