Озонската обвивка се обновува

  • Според процените на ОН, за 39 години од спроведувањето на Монтреалскиот протокол, потрошувачката на супстанции што ја оштетуваат озонската обвивка е намалена за 99 отсто и се спречени милиони случаи на рак на кожата и десетици милиони случаи на катаракта

За речиси четири децении од спроведувањето на Монтреалскиот договор, потрошувачката на супстанции што ја оштетуваат озонската обвивка е намалена за 99 отсто, а намалени се и ефектот од глобалното затоплување и климатските промени. Монтреалскиот протокол беше усвоен во 1987 година. Имено, научниците повторуваат дека сè уште се движиме кон зголемување на глобалните температури за 1,5 Целзиусов степен над прединдустриските нивоа, со катастрофални последици.
Ограничувањето на зголемувањето на глобалната температура до 1,5 Целзиусов степен сè уште е можно доколку веднаш драстично го намалиме дејството на климата. Итно треба да продолжиме со акции насочени кон обновување на озонската обвивка и ублажување на климатските промени, како и приспособување кон климатските промени. Супстанците што ја уништуваат озонската обвивка во атмосферата се исклучително стабилни, поради што нивната концентрација во стратосферата полека паѓа, па целосно воспоставување на природната рамнотежа на создавањето и разградувањето на озонската обвивка се предвидува дури околу 2050 година.
Договорот од Монтреал е најуспешниот меѓународен договор за заштита на животната средина, кој иницираше обновување на озонската обвивка, а беше ратификуван од 198 земји, сите членки на ОН. Благодарение на имплементацијата на протоколот, озонската обвивка се обновува, а неговата имплементација може да биде и патоказ за ублажување на климатските промени.

Според процените на ОН, за 39 години од спроведувањето на Монтреалскиот протокол, потрошувачката на супстанции што ја оштетуваат озонската обвивка е намалена за 99 отсто и се спречени милиони случаи на рак на кожата и десетици милиони случаи на катаракта. Без имплементацијата на овој протокол, штетата на озонската обвивка би била десет пати поголема од денешната, со далекосежни последици по здравјето на луѓето и целиот екосистем на Земјата.
Протоколот од Монтреал ја ограничи употребата на супстанции што ја уништуваат озонската обвивка, а неговите промени вклучуваат флуоројаглеводород, моќни стакленички гасови што се користат првенствено во системите за ладење и климатизација.
Стратосферската озонска обвивка на Земјата особено е важна за опстанокот на сите живи организми бидејќи го спречува навлегувањето на штетното УВ-зрачење од Сонцето на површината на Земјата. Откако научната заедница предупреди дека поради човековата активност озонската обвивка е опасно намалена и како резултат на тоа е зголемена пенетрацијата на УВ-зрачењето на површината на Земјата, пред 39 години земјите од целиот свет одлучија да преземат мерки за обновување и заштита на озонската обвивка и на тој начин да ги спречат понатамошните штетни ефекти на УВ-зрачењето врз сите живи организми.