Изложба посветена на истакнатата поетеса, есеистка, раскажувачка и писателка за деца Светлана Христова–Јоциќ ќе биде отворена во Музејот на македонската борба за самостојност, вечерва, во 19 часот. Авторка е Ана Китановиќ, кустоска, која преку изложениот материјал ќе потсети на еден богат книжевен живот, за трајната вредност на нејзиниот пишан збор и за авторката што остави длабока трага во македонската литература како претставник на втората генерација македонски книжевници. Изложбата за првпат пред пошироката јавност ќе ја презентирана официјалната донација на лични предмети од семејството Андреевски, овозможувајќи им на посетителите поблиску да се запознаат со животот и работниот амбиент на истакнатата поетеса.
Светлана Христова-Јоциќ (1937–2012) зад себе остави импресивен опус од над 20 книги. Таа беше долгогодишна новинарка и уредничка во Радио Скопје, секретарка и претседателка на Друштвото на писателите на Македонија, членка на Македонскиот ПЕН-центар, главна уредничка на ревијата „Стожер“ и списанието „Портал“, како и иницијаторка на значајната меѓународна манифестација „Македонски духовни конаци“.
































