„Мисиркови денови“ во МАНУ
Во Македонската академија на науките и уметностите се одржаа „III Мисиркови денови“, посветени на стогодишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков. Во рамките на манифестацијата се одржа и Меѓународната научна конференција „Славистиката и македонистиката – историски и современ дискурс“, на која својот труд под наслов „Македонистот Волф Ошлис“ го презентираше и Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
Еден од столбовите на македонистиката во последните шест децении е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Меѓу стотиците слависти и македонисти што учествувале во неговата работа, значајно место зазема и германскиот славист, македонист и политиколог Волф Ошлис (1941–2026). Во трудот Јованоски се осврнува на ставовите на Ошлис за историјата на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и културната посебност, како и за делото на Крсте Мисирков и Блаже Конески. Значајно место заземаат и преводот на Ошлис на капиталното дело „За македонцките работи“ од Мисирков, како и деталите поврзани со неговото издавање и печатење. Говорејќи за Ошлис, кој почина неодамна, Јованоски откри дека неговиот интерес за Македонија бил толку голем што во својот дом чувал историски карти на Германија на кои била претставена и Македонија. Ошлис од 1975 година редовно доаѓал во Охрид, на Летната школа, чие работење Јованоски, во својство на новинар и публицист, го следи од 1984 година до денес.
– Мислата на Ошлис „еднаш Македонец, секогаш Македонец“ ја отсликува неговата долгогодишна поврзаност со Македонија, како и неговата посветеност на афирмацијата на македонскиот јазик, култура и државност во Германија и во светот – истакнува Јованоски.
На конференцијата учествуваа повеќе од 40 научници од земјава и од странство, меѓу кои и научници од Унгарија, Украина, Србија, Франција и Русија. Идејата за манифестацијата „Мисиркови денови“ во 2024 година ја иницираше Институтот за национална историја, по повод 150-годишнината од раѓањето на Мисирков. Годинава, во организацијата беа вклучени и националните институти за македонски јазик, фолклор, литература и старословенска литература. В.Д.
































