Самитот на АПЕК во кинескиот технолошки и економски центар во фокусот на светската јавност

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера беше пречекан од кинескиот лидер Си Џинпинг на аеродромот во Шенжен, Кина, пред нивната средба на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), што се толкува како важен дипломатски гест, бидејќи, според кинескиот дипломатски протокол во последните години, шефот на државата обично не оди на аеродром да пречекува гости, пренесуваат светските медиуми.
Во Кина, каде што протоколот е од огромна важност, присуството на Си на црвениот тепих во Шенжен ја нагласува важноста што Кина ѝ ја придава на својата билатерална врска со САД, според толкувањето на американските медиуми. Претходно годинава Трамп лично го пречека претседателот Си кога тој пристигна со авион во воената база „Ендрјус“ во САД.
Рускиот претседател Владимир Путин при пристигнувањето во Шенжен беше пречекан од влијателниот шеф на кабинетот на Си, Цаи Ќи, што само по себе претставува невообичаено високо ниво на протокол.
Тројцата светски лидери Си, Трамп и Путин ќе одржат заеднички разговори фокусирани на прашањето за ширењето на нуклеарното оружје, но се очекува да се дискутира и за други актуелни теми, како што се војната во Украина и конфликтот на САД и Израел со Иран, како и тековните трговски прашања меѓу Вашингтон и Пекинг. Р.С.


Силна порака на кинескиот претседател Си Џинпинг до светските лидери

Повик за отфрлање на унилатерализмот и протекционизмот

Кинескиот лидер Си Џинпинг ги повика земјите од Азиско-Пацифичкиот Регион да го отфрлат трговскиот протекционизам, претставувајќи ја Кина како бранител на глобализираната економија. Кинескиот претседател го истакна тоа во неговото воведно обраќање на регионалниот економски самит во Шенжен. Зборувајќи пред бизнис-могулите што присуствуваа на собирот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), Си Џинпинг се осврна на состојбата на глобалните прашања, велејќи дека „на растот му недостига замав, а унилатерализмот и протекционизмот се раширени“.
– Како треба да одговориме ние во Азиско-Пацифичкиот Регион – праша Си, пред да вети дека Кина ќе ја заштити „економската глобализација“ и да ги повика земјите да „ги одржат глобалната индустрија и синџирите на снабдување стабилни и непречени“.
Иако претседателот Си не ги спомена САД, неговиот говор се појави како контрапункт на Пекинг на долгогодишните напори на САД да го ограничат пристапот на Кина до врвни технологии и да ја држат кинеската висока технологија подалеку од одредени глобални синџири на снабдување и сектори.
Овие повици станаа погласни во САД во последните недели по скандалот поврзан со американскиот производител на чипови за вештачка интелигенција „Енвидија“ и пристапот на кинеските компании до напредни американски чипови.
– Кина се спротивстави на унилатерализмот и протекционизмот и остана посветена на вистинскиот мултилатерализам… Таа постојаност донесе стабилност и предвидливост за светскиот економски раст и меѓународната трговија и економска соработка – им рече Си на своите гости.
Кинескиот лидер исто така вети дека ќе ги намали царините и ќе го прошири пристапот до пазарот на огромната економија на Кина. Р.С.


Зошто Шенжен е избран за домаќин на самитот на АПЕК

Градот-чудо во полн сјај ги прикажува модернизацијата и напредокот на Кина

Кина е домаќин на самитот на АПЕК по третпат, откако настанот во 2001 година се одржа во главниот трговски центар Шангај, а во 2014 година во главниот град Пекинг. Изборот на Шенжен за тековното домаќинство се должи на близината до финансискиот центар Хонгконг, како и поради причини поврзани со внатрешните и меѓународните околности, според економскиот аналитичар Чим Ли.
Шенжен се смета за кинески пандан на американската Силициумска Долина – град од кој произлегле многу технолошки иновации – претставува дом на технолошки претприемачи, беспилотни летала за достава на храна и на најбрзиот суперкомпјутер во светот. Шенжен е урбан микрокосмос на современата приказна на Кина: со високо ниво на планирање, технолошки напредок и богатство.
Жителите на Шенжен затоа со гордост велат дека станува збор „град-чудо“. Изграден за четири децении, овој блескав град има повеќе облакодери од Њујорк, а околу трипати повеќе од Чикаго, според податоците на Советот за вертикален урбанизам.
Во 1980-тите години тогашниот кинески лидер Денг Сјаопинг го искористил Шенжен за спроведување експеримент со слободен пазар, со цел да привлече странски капитал.
АПЕК е основан во 1989 година во Канбера, главниот град на Австралија, како неформална иницијатива за дијалог со 12 члена, со што прерасна во водечки економски форум во регионот, чија цел е зајакнување на врските за поттикнување на растот, трговијата и инвестициите.
Бидејќи опфаќа околу 62 отсто од глобалниот БДП и приближно половина од светската трговија, оваа групација е составена од „економии членки“. АПЕК функционира врз основа на необврзувачки заложби постигнати исклучиво со консензус, при што преземањето на обврските е целосно доброволно. Р.С.


Глобалната безбедност и мир на агендата на историската трилатерална средба

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска треба да им биде домаќин на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин на трилатерален самит во југоисточниот кинески град Шенжен, на кој тројцата лидери ќе разговараат за „прашања што се однесуваат на глобалниот мир“, соопшти официјален Пекинг.
Шефовите на државите на Кина, Русија и САД „ќе имаат длабинска размена на мислења за важни прашања што се однесуваат на глобалниот мир на нивниот претстоен самит“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, за новинарите во Пекинг. Тројцата лидери ќе ја одржат својата средба лице в лице на маргините на 33-от самит на форумот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), кој беше отворен во средата со состанок на бизнис-лидери.
Американскиот претседател изјави дека ќе разговара за „денуклеаризација“ со своите кинески и руски колеги. Трамп исто така рече дека можеби ќе се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун за време на неговата азиска турнеја, иако Пјонгјанг и Вашингтон не потврдија никаков договор за евентуална средба.
Претходно рускиот претседател Путин им рече на бизнис-лидерите на АПЕК дека економската „принуда“ е „нешто од минатото“, нагласувајќи го суверенитетот во националните одлуки и моделите на развој. Р.С.