Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголемената конкуренција на пазарот на трудот нуди можности за соработка

  • Економистите укажуваат дека присуството на странските компании во нашата земја позитивно се одразува врз домашната економија, но истакнуваат дека е важно да се засили поврзаноста на странските компании и домашните снабдувачи

Странските компании ја засилуваат конкуренцијата и носат повисоки стандарди и технологија, но не ја зголемуваат автоматски конкурентноста на домашните компании. Нивното присуство изврши позитивно влијание врз платите на работниците и придонесе за поголема вработеност и повисоки плати. Економистите укажуваат дека присуството на странските компании во нашата земја позитивно се одразува врз домашната економија, но истакнуваат дека е важно да се засили поврзаноста на странските компании и домашните снабдувачи.
Изминатиот период статистичарите информираат дека во нашата земја функционираат 3.280 компании што се странски филијали, односно претпријатија контролирани од странство, и дека тие се само 4,7 проценти од вкупниот број претпријатија во нашата земја. Сепак, и покрај малиот процент во вкупниот број компании, странските филијали ангажираат 24,2 отсто од вкупно вработените лица во земјава и создаваат 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност.

Ја намалија невработеноста

Токму поради овој податок ги запрашавме економистите какво е влијанието на странските компании врз домашната економија. Дали големиот опфат на работници во мал број компании е причина за загриженост, со оглед на големата концентрација на работна сила? Но и дали доаѓањето на странските инвестиции е причина за поголема конкурентност кај домашните компании и поголема потреба од натпревар меѓу компаниите?
– Податокот дека 4,7 проценти од компаниите вработуваат 24,2 проценти од работниците ја потврдува големата улога што странските инвестиции ја имаат на македонскиот пазар на трудот. Во мое истражување од 2021 година утврдив дека за ниско и средно квалификуваните работници беа особено важни две паралелни тенденции: масовната емиграција, која ја намалуваше понудата на работници, и отворањето странски фабрики, кое ја зголемуваше побарувачката за нив. Нивното заедничко дејство придонесе за значително намалување на невработеноста и постепено создаде притисок и за раст на платите – нагласува професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Петрески за „Нова Македонија“ потенцира дека високиот број работници ангажирани во компаниите што се управувани од странски матични компании не треба да се гледа како проблем.
– Високиот удел на вработени во странски компании сам по себе не треба да биде причина за загриженост. Ризик би постоел доколку вработеноста е концентрирана во мал број големи компании, сектори или пазари и доколку тие инвестиции останат изолирани од домашната економија. Нагло повлекување на поголем инвеститор несомнено може да предизвика локален шок и отпуштања, но одговорот не е ограничување на странските инвестиции, туку нивна диверзификација и посилно поврзување со домашни снабдувачи – укажува професор Петрески.

Засилена конкуренција

Тој нагласува дека нивното присуство придонесува за поголема конкурентност на пазарот на трудот, но и меѓу компаниите, што придонесува за подобрување на стандардите во компаниите.
– Странските компании ја засилуваат конкуренцијата за работници и можат да донесат повисоки стандарди, технологија и знаење. Но не значи автоматски дека тие ја зголемуваат и конкурентноста на домашните компании. Тоа зависи од домашните снабдувачки врски, трансферот на знаење и еднаквите услови за работа. Затоа, успехот не треба да го мериме само според бројот на отворени работни места туку и според нивниот квалитет, платите, продуктивноста и домашната додадена вредност што ја создаваат странските инвестиции – потенцира професор Петрески.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека е нормално компаниите во ТИРЗ да имаат поголемо учество во бројот на вработени отколку во бројот на компании, затоа што се работи да поголеми компании што вработуваат поголем број вработени, за разлика од домашните микро, мали и средни компании кај кои се вработени мал број работници.
– Поголемите компании, со поголем број вработени, се ризик во однос на невработеноста, во случај на затворање на компанијата, но исто така тие имаат голем број предности во однос на малите компании. Големите компании имаат финансиски капацитети за истражувања и развој, за обуки на вработените, за истражување на пазарот и се поконкурентни на странските пазари, за разлика од нашите мали компании – вели Димитров.
Тој укажува дека најголемиот ризик е дали странската компанија ќе си замине од земјата по истекот на годините во кои добива државна помош? Сепак, додава дека бројките покажуваат да најголемиот број компании од ТИРЗ во Македонија останаа да работат и по истекот на 10 години во кои траеше државната помош. Со ова, според Димитров, се зголемуваат и финансиските ефекти во корист на државата, особено во полнењето на ФЗО и ПИОМ.
– Дали странските компании влијаеја на зголемување на конкурентноста и на домашните компании, сметам дека не е таков случај, поради фактот дека тие работат извоз на странските пазари и дејности што не се застапени кај домашните компании. Од друга страна, позитивно влијаеја на зголемување на просечната плата во земјата, бидејќи тие во првите десет години, кога ги примаа субвенциите, беа во поповолна положба од домашните компании и имаа можности за исплата на поголеми плати. Ова придонесе за пад на бројот на вработени во нашите традиционални дејности како текстилот, кожарството и слично. И доведе до ситуација изгубените 30.000 работни места во овие дејности да се надоместат со 30.000 нови вработувања во ТИРЗ – укажува Димитров.

Потребна е поголема соработка

Тој додава дека би било добро доколку се подобри соработката меѓу домашните компании и странските и доколку имаат повеќе снабдувачи од нашата земја.
– Штета е што во Македонија не постојат производители на репроматеријали што ги користат фабриките во ТИРЗ и не може да се воспостави таа соработка, која би влијаела позитивно и на развојот на нашите компании. Во таков случај, речиси сто отсто од репроматеријалите, фабриките во ТИРЗ ги увезуваа од надвор. За изработка на една сеопфатна анализа за влијанието на странските инвестиции во ТИРЗ врз нашата економија, особено нето-економските бенефиции од нив, неопходно е поголема транспарентност во однос на висината на државната помош што ја добиле овие компании – укажува Димитров.
Статистиката покажа дека најголемо учество во додадената вредност на домашните претпријатија контролирани од странство имаат секторите Преработувачка индустрија со 35,3 отсто, Информации и комуникации со 16,7 проценти и Трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли со 11,5 отсто. Економски најважните странски филијали се под контрола на Австрија со учество во додадената вредност од 17,4 отсто, Холандија со 11 отсто, Германија со 9,7 отсто и Обединетото Кралство со девет отсто. Е.Р.