Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Црвено-жолтите нема да можат да играат во иста група со Украина, Шкотска, Косово, Полска, Израел, Романија, Грузија, Црна Гора, Албанија, Исланд и со Словачка

Македонската репрезентација од третиот барабан ќе влезе во ждрепката што треба да биде влечена на 6 декември во Белфаст, за квалификациските групи за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2028 година, во Англија, Шкотска, Велс и во Република Ирска. Составот на петте барабани беше одреден според вкупниот пласман на селекциите во Лигата на нациите сезонава, чија групна фаза заврши неделава, а Македонија првпат играше во лигата Б.
Црвено-жолтите во квалификациите за ЕП 2028 нема да можат да играат во иста група со другите селекции што се во третиот барабан, а тоа се репрезентациите на Украина, Шкотска, Косово, Полска, Израел, Романија, Грузија, Црна Гора, Албанија, Исланд и на Словачка.
Според новиот формат за квалификациите, репрезентациите ќе бидат поделени во 12 групи со по четири или со по пет селекции, кои ќе играат меѓусебно дома и на гости, а квалификациската групна фаза треба да почне во март 2027 година и да трае до ноември 2027 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Победниците на 12-те квалификациски групи и осумте најдобри второпласирани селекции (вкупно 20) ќе се пласираат директно на Европското првенство во 2028 година.
Две места на континенталниот фудбалски шампионат ќе бидат резервирани за двете најдоброрангирани репрезентации на домаќините, кои не се пласирале директно како победници на групите или како најдобри второпласирани, по завршувањето на квалификациската групна фаза, пишува УЕФА.
Другите места ќе бидат пополнети преку плејоф-натпревари, во кои ќе играат преостанатите второпласирани репрезентации од квалификациските групи и најдоброрангираните непласирани селекции што се победници на групите во Лигата на нациите за сезоната 2026/2027, пишува Европската фудбалска унија. Победници на групите сезонава во Лигата на нациите се фудбалските репрезентации на Англија, Португалија, Франција, Германија, Швајцарија, Шведска, Австрија, Северна Ирска, Црна Гора, Албанија, Исланд, Словачка, Малта и на Азербејџан. Во зависност од бројот на места освоени од репрезентациите на домаќините на ЕП 2028, бројот на места на завршниот турнир определен преку плејоф може да варира меѓу два и четири. Плејофот на програмата е во март 2028 година.
Пред ждрепката, во најсилниот барабан, првиот, се Англија, Португалија, Франција, Германија, Шпанија, Белгија, Холандија, Норвешка, Грција, Италија, Данска и Хрватска, во вториот се Велс, Србија, Турција, Чешка, Швајцарија, Шведска, Австрија, Северна Ирска, Словенија, БиХ, Унгарија и Република Ирска, во четвртиот се Естонија, Белорусија, Фарски Острови, Кипар, Финска, Молдавија, Ерменија, Бугарија, Казахстан, Луксембург, Летонија и Сан Марино, а во петтиот Малта, Азербејџан, Литванија, Андора, Гибралтар и Лихтенштајн. Н.М.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1 Англија, Португалија, Франција, Германија, Шпанија, Белгија, Холандија, Норвешка, Грција, Италија, Данска, Хрватска
2 Велс, Србија, Турција, Чешка, Швајцарија, Шведска, Австрија, Северна Ирска, Словенија, БиХ, Унгарија, Република Ирска
3 Украина, Шкотска, Косово, Полска, Израел, Романија, Грузија, Македонија, Црна Гора, Албанија, Исланд, Словачка
4 Естонија, Белорусија, Фарски Острови, Кипар, Финска, Молдавија, Ерменија, Бугарија, Казахстан, Луксембург, Летонија, Сан Марино
5 Малта, Азербејџан, Литванија, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн