Меѓународната академска соработка има значајна улога во поврзувањето на народите, градењето партнерства и зајакнувањето на меѓусебната доверба, особено во време на глобални предизвици и поделби. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на 80-годишнината од Фулбрајт програмата за меѓународна образовна и културна размена на Владата на САД.
Јаневска оцени дека визијата на американскиот сенатор Џеј Вилијам Фулбрајт, за градење меѓусебно разбирање меѓу народите преку образованието, останува особено актуелна и денес.
Во изминатите осум децении, програмата им овозможила на илјадници студенти, научници и професионалци од целиот свет да стекнат нови знаења, да истражуваат и да го унапредуваат својот професионален развој.
Вршителката на должноста амбасадор на САД, Никол Варнс, посочи дека досега повеќе од 450.000 студенти, истражувачи и професионалци од над 160 земји учествувале во програмата, студирајќи во САД или во други земји со американска поддршка.
– Програмата Фулбрајт изнедри државници, добитници на Нобеловата награда, научници и претприемачи. Денес, Фулбрајт останува водечката академска програма за меѓународна размена на Стејт департментот – истакна Варнс.
Таа додаде дека учесниците по завршувањето на програмата ги применуваат стекнатите знаења и искуства во своите земји, придонесувајќи за развојот на општествата во кои живеат и работат.
Македонските стипендисти стекнуваат знаења и меѓународни партнерства
Говорејќи за придобивките од програмата за Македонија, Јаневска нагласи дека престојот на македонските стипендисти на американските универзитети им овозможува значаен личен и професионален развој.
Според неа, покрај квалитетното образование и истражувачката работа, стипендистите добиваат пристап до современи наставни и научни стандарди, како и до професионални мрежи кои продолжуваат да функционираат и по завршувањето на нивниот престој во САД.
Стекнатите знаења потоа ги пренесуваат и применуваат на македонските универзитети, во лабораториите, институциите и училиштата.
– За земја во развој ова е значајно вложување во човечки капитал – истакна Јаневска.
Таа посочи дека придобивките се двонасочни, бидејќи програмата им овозможува и на американските студенти, професори и истражувачи да ја запознаат Македонија, нејзиното културно наследство, природните убавини и традиционалното гостопримство.
Според министерката, токму ваквите контакти создаваат пријателства и партнерства кои продолжуваат и по завршувањето на академската размена.
Министерството за образование и наука, како што најави Јаневска, ќе продолжи да ја поддржува програмата преку заеднички проекти, институционална соработка и поголема мобилност на студентите и истражувачите.
Фулбрајт стипендиите отвораат нови можности за македонските научници
За значењето на програмата говореше и професорот од Машинскиот факултет во Скопје, Атанас Кочов, кој истакна дека неговата студиска посета на САД преку Фулбрајт имала значително влијание врз начинот на кој ги спроведува истражувањата во Македонија.
Кочов изрази задоволство од зголемувањето на бројот на стипендии за научници и истражувачи, како и од отворањето нови можности за македонските студенти.
Тој нагласи дека секоја дополнителна стипендија претставува можност некој млад човек или истражувач да студира и да спроведе истражување во странство, а потоа стекнатите знаења, идеи и контакти да ги пренесе во својата работа во Македонија.
– Секоја дополнителна стипендија му дава некому шанса да спроведе истражување или да студира во странство, а потоа да донесе нови идеи и познанства во својата работа дома – рече Кочов.



































