Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), осомничен за примање поткуп во износ од 32.000 денари. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, пренесе МИА.

Од Јавното обвинителство информираат дека против осомничениот е донесена наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело „Примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Според наводите на Обвинителството, осомничениот бил службено лице, вработен во Одделението за издавање урбанистички согласности при ДЗС, со овластување да потпишува, дава мислења и издава согласности за просторни и урбанистички планови и проекти од аспект на заштитата и спасувањето, како и елаборати за заштита од пожари, експлозии и опасни материи.

-За да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да даде согласност за елаборат иако тој не ги исполнувал условите за градба во делот за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, осомничениот директно побарал и примил поткуп од едно лице во износ од 32.000 денари – соопштија од Јавното обвинителство.

Поради опасност од бегство, можност за повторување на кривичното дело и ризик од влијание врз сведоци, јавниот обвинител предложил определување мерка притвор.

Од Обвинителството посочуваат дека предлогот е заснован на природата на кривичното дело, начинот и околностите под кои наводно било сторено, неговите последици, како и позицијата на осомничениот.