Три децении имавме само еден извор за снабдување со природен гас – преку Бугарија. Сепак, монополот не е добро решение, особено за земја без излез на море. Затоа одлучивме да обезбедиме алтернативи – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на панелот „Зајакнување на европската енергетска безбедност: отпорност на критичната инфраструктура и диверзификација на снабдувањето“, во рамките на седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.
Божиновска посочи дека регионалната соработка е врвен приоритет, бидејќи ниту една земја не може да обезбеди долгорочна енергетска сигурност без пристап до регионалните пазари и инфраструктурни врски со соседите. Таа додаде дека земјава гради нова енергетска инфраструктура, отвора алтернативни правци за снабдување и ја зајакнува отпорноста на критичната инфраструктура.
Како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска истакна дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција се очекува да заврши во јуни следната година. Цевководот е предвиден и за транспорт на водород. Паралелно се работи на гасното поврзување со Србија, што ќе отвори нови можности за пристап до регионалните пазари и до дополнителни извори на снабдување.
Во електроенергетскиот сектор, како што посочи Божиновска, се преземаат активности за поврзување со Албанија. Како значаен чекор кон диверзификација на снабдувањето таа го издвои и повторното ставање во функција на продуктоводот со Грција. Тој годинава повторно почна да се користи за транспорт на нафтени деривати, по 12 години неактивност.
Говорејќи за отпорноста на критичната енергетска инфраструктура, министерката нагласи дека новите безбедносни предизвици, меѓу кои сајбер-нападите и заканите од дронови, бараат поинаков пристап во планирањето и управувањето со енергетските системи.
– Државите се тие што треба да ги креираат политиките и законодавството за приватниот сектор да може да ги спроведува. Но, неопходна е тесна соработка. Треба да ги слушнеме инвеститорите, а истовремено да ја заштитиме критичната инфраструктура – рече Божиновска.
Во дискусијата посебно внимание беше посветено на проблемите во синџирите на снабдување и на долгите рокови за набавка на клучна енергетска опрема. Божиновска наведе дека на инвеститор заинтересиран за проект со гасна турбина првиот достапен термин за испорака му бил понуден дури за 2032 година. Според неа, тоа покажува со какви рокови се соочуваат инвеститорите во енергетиката.
Таа нагласи дека уште при планирањето на новите инвестиции треба да се земат предвид технолошките промени, потребата од резервни системи и новите ризици, особено во услови на брз развој на вештачката интелигенција, податочните центри и новите енергетски технологии.
– Она што се случи во Украина и последните геополитички случувања се важна лекција. Денес мора да размислуваме за резервни решенија, технологија и поголема регионална соработка. Енергетската инфраструктура се менува и станува сè позависна од технологијата – истакна министерката.
Во врска со заштитата на енергетската инфраструктура и улогата на НАТО, Божиновска оцени дека, со зголемувањето на заканите од дронови и сајбер-напади, механизмите за консултации и координација во рамките на Алијансата ќе добиваат сè поголемо значење.
На панел-дискусијата учествуваа и министерот за енергетика на Литванија, Лукас Савицкас, Пјер Бешелани од „Флуор“ (Fluor) и Роџер Мартела од „ГЕ Вернова“ (GE Vernova). Дискусијата ја модерираше Бенџамин Шмит од Универзитетот во Пенсилванија.
Седмиот состанок на P-TEC во Варшава ги обединува претставниците на владите и на меѓународните институции, како и лидерите од енергетскиот сектор од Европа и САД. Главни теми се енергетската безбедност, стратешката инфраструктура, диверзификацијата на снабдувањето и трансатлантската енергетска соработка.
































