Фото: МЗШВ

Македонскиот тутун е меѓу најконкурентните во регионот кога ќе се земат предвид откупната цена и државните субвенции што ги добиваат тутунарите, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

Пратеникот Сали Мурати од Европскиот фронт праша дали државата ги гарантира класирањето на тутунот и понудената откупна цена. Тој обвини дека при процената се постапува селективно и дека тутунот намерно се оценува со пониска класа. Во одговорот Серафимовски соопшти дека вчера официјално почнал предвремениот откуп на тутунот од реколтата за 2026 година. Законскиот рок за почеток на откупот во сите 334 регистрирани откупни центри во земјава е 15 декември.

Според Серафимовски, годинава се очекува да бидат произведени меѓу 26 и 30 милиони килограми тутун од околу 15.100 хектари. Тој посочи дека производството е зголемено во однос на минатата година, а квалитетот на тутунот е одличен.

– За разлика од минатата година, имаме зголемување на производството, а квалитетот на тутунот годинава е на одлично ниво. Тој квалитет нè прави едни од најконкурентните во регионот. Ако ги погледнете анализите, ќе забележите дека меѓу производителите на ориентален тутун во регионот имаме најдобра цена кога заедно ќе се земат предвид откупната цена и субвенциите што ги добиваат земјоделците – појасни Серафимовски.

Министерот очекува да биде откупен целиот тутун што ќе се произведе годинава. Тој го темели тоа очекување на процените за реколтата и на количините за кои веќе се склучени договори со откупувачите.

– Околу 18.000 тутунари склучиле повеќе од 30.000 договори со десет компании што имаат лиценца и се регистрирани за откуп на тутун. Според податоците, договорите опфаќаат околу 31,5 милиони килограми, што гарантира дека целиот произведен тутун ќе биде откупен – изјави Серафимовски.

Тој нагласи дека државата не ја одредува откупната цена на тутунот. Цената се утврдува со договор меѓу откупувачите и производителите. Сепак, според него, тутунот е една од најрегулираните земјоделски култури во земјава, а сличен пристап би сакал да се примени и за другите култури.

– Тутунот е една од најрегулираните земјоделски култури во Македонија во поглед на планирањето на производството и површините, склучувањето договори за откуп, исплатата и роковите за предавање. Процесот може да се следи од почеток до крај. Затоа можам да кажам дека тутунот е една од најсигурните и најрегулираните земјоделски култури – рече министерот.

Серафимовски посочи дека Државниот инспекторат за земјоделство веќе врши контроли во откупните пунктови. Според него, откупот вчера почнал на околу 34 пункта на Тутунскиот комбинат, како и на пунктови на уште три компании.

– Инспекторатот го следи процесот и проверува дали се истакнати цените и дали има мостри од тутунот. Пред почетокот на откупот, мострите се доставуваат до Институтот за тутун, каде што комисијата дава мислење и издава решение – појасни Серафимовски.

Тој додаде дека во секој од 334-те откупни центри има овластени проценители од Сојузот на тутунари.

– На секој откупен центар имаме повереници, односно овластени проценители на тутун од Сојузот на тутунари. Тие ги претставуваат производителите и го следат и контролираат процесот на откуп – изјави Серафимовски, пренесува МИА.