Фото: МИА

По повод 152-годишнината од раѓањето на Крсте Петков Мисирков (1874–1926), Институтот за македонски јазик, кој го носи неговото име, денеска ја организираше работилницата „Еден ден со Мисирков, по еден век без него“. Предавањата ги одржаа вработени во Институтот, а во интерактивната работилница учествуваа ученици и студенти.

Работилницата ја отвори директорката Елена Јованова-Грујовска, која истакна дека Мисирков е еден од клучните претходници на современата македонска јазична наука. Според неа, неговата големина не е само во тоа што го напишал делото „За македонцките работи“, туку и во тоа што успеал да ги поврзе своето широко образование, познавањето на европската славистика и сопственото искуство како Македонец.

– Во време кога македонскиот јазик бил под силен притисок од различни јазични и политички центри, Мисирков научно го поставил прашањето за неговата посебност и за неговата способност да стане литературен и стандарден јазик. Петтата статија од делото „За македонцките работи“ има особено значење. Таа претставува еден од најраните научно образложени проекти за македонски литературен јазик и, иако не била непосреден нормативен документ од кој директно произлегла подоцнежната кодификација, посредно се вградила во историјата на идеите и принципите врз кои се оформува современиот македонски стандарден јазик – рече директорката на Институтот.

Таа додаде дека Мисирков во 1903 година поставил теоретска рамка за тоа каков треба да биде македонскиот литературен јазик и дека, децении подоцна, тие идеи нашле потврда во процесот на официјалната кодификација.

Раководителката на работилницата, проф. д-р Лидија Тантуровска, истакна дека Мисирков е меѓу најзначајните национални дејци на македонскиот народ. Тој бил филолог, историчар, публицист, етнограф и прв кодификатор на македонскиот јазик.

– Мисирков е најпознатиот македонист од 20. век. Во него го гледаме визионерот, затоа што тој е првиот што успеал да му ја покаже на светот посебноста на македонскиот народ и, особено, посебноста на македонскиот јазик. За Институтот за македонски јазик, кој го носи неговото име, е чест, гордост, па и обврска да ја организира оваа работилница – истакна Тантуровска.

Првиот дел од работилницата беше посветен на животот и делото на Крсте Мисирков. Предавање одржа доц. д-р Марија Пандева, а учествуваа ученици од основните училишта „11 Октомври“ во Центар и „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода. Во вториот дел, посветен на книгата „За македонцките работи“, предаваше доц. д-р Марија Антевска-Рисафова, а учествуваа средношколци од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Во третиот дел, вонр. проф. д-р Македонка Додевска работеше со студенти од трета и четврта година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на тема „Македонските говори и говорот во с. Постол – с. Илиџиево“.

Во последниот, четврти дел од работилницата, наменет за сите учесници, Тантуровска одржа предавање на тема „Од вештачки јазик до вештачка интелигенција“. Таа ги запозна учесниците со статијата за Македонците и македонскиот јазик што Мисирков ја превел на јазикот идо и ја објавил во списанието „Мондо“. Целта била македонското прашање да допре до што повеќе европски интелектуалци, кои на почетокот на 20. век го разбирале и го користеле овој вештачки јазик.

– Јазикот идо, кој го избрал за да пишува за Македонија и за Македонците, го сметал за еден вид тогашен интернет, затоа што бил медиум за комуникација на кој се печателе трудови. Мисирков сметал дека ако на идо се пишува за посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот народ, таа порака ќе допре до целиот културен свет – рече Тантуровска.

Крсте Петков Мисирков е роден на 18 ноември 1874 година во селото Постол, во Егејска Македонија. На 26 јули годинава се навршија сто години од неговата смрт во Софија во 1926 година. Стогодишнината беше одбележана со третото издание на манифестацијата „Мисиркови денови“, која во изминатите два дена ја организираше Институтот за национална историја во соработка со четири сродни национални институти, пренесува МИА.