Косовското специјално обвинителство е подготвено да го проучи извештајот за убиството на српскиот политичар на Косово, Оливер Ивановиќ, кој од Белград беше проследен до Приштина, преку Канцеларијата на Европската Унија, пишува „Коха онлајн“.
Од убиството на еден од лидерот на косовските Срби помина една година. Тоа е период доволен за освестување на јавноста и да се сфати дека косовскиот проблем за Србија е многу повеќе од дипломатско-статусно решавање и формализирање на реалната состојба на теренот, според која за Приштина не постои власт во Белград, а во исто време за северот на Косово не постои косовска власт во Приштина, пишува во најавата на најновиот број на „Неделник“.
Оливер Ивановиќ, и како жртва на тоа злосторство, се најде во тој вакуум на замрзнат конфликт, исто како што беше и во неговиот живот. Заканите што ги добиваше пред убиството, автомобилот што му беше запален, сведоштвата на најблиските дека со денови пред убиството бил вознемируван, како да немаа тежина за истражните органи за пронаоѓањето на убијците. Времето по убиството ќе покаже дека неговата ликвидација е само еден елемент во сложувалката на континуираното заострување на односите меѓу Белград и Приштина. Наспроти ветувањата од сите страни, сѐ уште нема одговор на две клучни прашања – кој и зошто го уби Оливер.
Косовскиот специјален обвинител Суљ Хоџа изјави дека од Србија досега нема добиено извештај за убиството на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, кое се случи во јануари минатата година во Северна Митровица, објави завчера дописникот на МИА од Приштина.
Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, претходно изјави дека на косoвските власти им се предадени обемен извештај и соодветните записници во врска со убиството на Ивановиќ, но овие наводи ги демантира Хоџа, кој ја води истрагата за овој настан.
– Сѐ уште чекаме и штом ќе ги добиеме материјалите, ќе ги додадеме на предметот. Меѓу другото, ние побаравме пристап до појдовните и дојдовните повици на телефонот на Ивановиќ, а тоа не ни беше дадено минатиот пат – изјави Хоџа за косовските медиуми, додавајќи дека тие податоци ги има српскиот оператор на мобилната телефонија што оперира во северно Косово.
Тој прецизира дека единствено што досега добиле од Белград во врска со истрагата се одговорите на сопругата на Ивановиќ, Милена Богдан, на прашањата што до српското обвинителство ги испратило косовското специјално обвинителство.
Меѓутоа, вели Хоџа, од одговорите што ги дала таа не е добиена никаква нова информација што би помогнала во расветлувањето на случајот. Тоа интервју, кое Приштина го добила минатиот месец, е единствениот материјал доставен од Србија во врска со убиството на Ивановиќ, тврди косовскиот специјален обвинител.