Фото: МИА

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го презентираше отчетот за првата година од мандатот, оценувајќи дека во изминатите 12 месеци градската администрација успеала да ја стабилизира финансиската состојба, да ги деблокира клучните капитални проекти и да ги постави темелите за нов инвестициски циклус во инфраструктурата, јавниот превоз и животната средина.

На презентацијата, Ѓорѓиевски посочи дека при преземањето на функцијата затекнал долг од речиси 300 милиони евра, финансиски оптоварени јавни претпријатија и повеќе капитални проекти со застој.

Според презентираните податоци, во првата година од мандатот тековните обврски на Град Скопје се намалени за 322 милиони денари, додека дополнително биле сервисирани обврски во вредност од 743 милиони денари, по основ на кредити, експропријации, судски постапки, субвенции и други активности.

Намалување на задолженоста е регистрирано и кај јавните претпријатија. Најголемото намалување е забележано во ЈП „Водовод и канализација“, каде обврските се намалени за 1,66 милијарди денари, додека кај ЈСП намалувањето изнесува 634 милиони денари. Пониски долгови, според градоначалникот, имаат и „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Градски паркинзи“ и „Улици и патишта“.

Во делот на инфраструктурата, Ѓорѓиевски ги издвои неколкуте капитални проекти кои се во тек, меѓу кои реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, изградбата на клучката кај Момин Поток, булеварот „Македонија“, новиот мост меѓу улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, како и пристапните сообраќајници кон мостот „Генерал Михајло Апостолски“.

Покрај овие проекти, во повеќе скопски општини, меѓу кои Гази Баба, Аеродром, Бутел, Чаир и Шуто Оризари, биле реконструирани улици и сообраќајници. Поставени се и околу 2.000 заштитни столпчиња за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Како значаен еколошки проект, градоначалникот ја посочи деблокадата на изградбата на пречистителната станица во Трубарево, која досега е реализирана повеќе од 40 проценти. Според најавите, проектот треба да придонесе за заштита на реката Вардар и подобрување на состојбата со животната средина.

Во јавниот превоз, Ѓорѓиевски информираше дека се отстранети пречките за реализација на системот за брз автобуски превоз (БРТ), а од септември во функција е и градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје. Најавена е и набавка на 100 нови еколошки автобуси.

Тој посочи дека ЈСП во првите шест месеци од годинава остварило заштеда од околу 500.000 евра за гориво во споредба со истиот период лани, и покрај зголемениот број автобуси во сообраќај.

Посебен дел од отчетот беше посветен на комуналната хигиена. Во тек е набавка на 3.300 нови садови за отпад, што, според Ѓорѓиевски, претставува најголема набавка од ваков вид во последните неколку децении. Предвидена е и набавка на специјализирани возила за одржување на чистотата во градот.

Една од најавените капитални инвестиции во зеленилото е трансформацијата на просторот на поранешната депонија Вардариште во мегапарк со површина од околу 600.000 квадратни метри. Паралелно, се реализираат активности за подигнување ново зеленило, уредување зелени коридори и изградба на паркови во повеќе скопски општини.

Во делот на противпожарната заштита, градоначалникот информираше дека се обезбедени средства за изградба на нова противпожарна станица во Аеродром и дека е набавено специјализирано противпожарно возило. Инвестиции се реализираат и во образованието, преку опремување училишни кабинети и лаборатории.

Ѓорѓиевски се осврна и на дигитализацијата на градските услуги. Како новини ги посочи можноста за електронска достава и плаќање на данокот на имот, изработката на дигитална реплика на Скопје за подобро урбанистичко планирање и донесување одлуки, како и платформата „ЕкоСкопје“, наменета за електронско пријавување и следење на пријавите за еколошки проблеми.

Градоначалникот најави и нов инвестициски циклус, во кој се предвидени изградба на мост и сообраќајница што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, нов мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари, како и изградба на првата подземна улица во Скопје до крајот на неговиот мандат.

Првата година од мандатот, според Ѓорѓиевски, била насочена кон финансиска консолидација, решавање на наследените проблеми и создавање услови за понатамошен развој на градот.

„Пред една година побарав да верувате дека можеме. Денес ви ги претставувам делата со кои ја оправдуваме таа верба. Ќе продолжиме со уште поголема решителност сè додека промената не стигне до секое скопско маало“, порача Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека постигнатите резултати се плод на заедничка работа и одговорност, најавувајќи дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на реализација на ветените проекти и подобрување на условите за живот во сите делови на Скопје.