Фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова оцени дека е неопходно итно да се преземат заеднички активности за справување со родово базираното насилство. Таа нагласи дека досегашните законски измени и институционални мерки не дале доволно резултати.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара од претседателот на Собранието да го стави на дневен ред законското решение за заштита на жените од родово базирано насилство, за кое опозицијата тврди дека од август стои во фиока, таа рече дека проблемот бара поширок општествен и институционален пристап.

– Најнеопходно е првин да седнеме сите заедно. Јас сум подготвена да го организирам тоа. Значи, оние што ги менуваат законите, пред сè пратениците и пратеничките, невладиниот сектор, експертите, а добредојдени се и малкуте жени во власта. Мислам дека итно треба да преземеме чекори и да се обидеме. Многу е тешко, оти ова стана како епидемија – изјави Силјановска-Давкова по настанот во Собранието по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија.

Таа посочи дека насилството врз жените не се намалува и покрај измените на Кривичниот законик, донесувањето на законите поврзани со Истанбулската конвенција и бројните средби меѓу претставници на институциите, невладиниот сектор и експертската јавност.

– Кога човек гледа дека, и покрај измените што ги направивме во Кривичниот законик, донесувањето на законите против дискриминацијата поврзани со Истанбулската конвенција и многуте средби меѓу пратеничките, невладиниот сектор и експертките, за жал, како да не се намалува темпото на загрозување и непочитување на животот на жените, дури и си велам дали треба самите да почнеме да се заштитуваме. Што е во моментов, според мене, можеби најнеопходно? – рече претседателката.

Силјановска-Давкова нагласи дека е потребно да се создадат силни мрежи за поддршка на жените, со учество на судството, Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, Собранието, Владата и граѓанскиот сектор.

– Дури ми паѓаат на ум некои бизарни идеи, можеби да почнеме на Народната канцеларија да ги истакнуваме фотографиите на оние што вознемируваат и малтретираат. Јас веќе не знам како да ја сензибилизираме јавноста. Таа е сензибилизирана, но проблемот е подлабок, многу подлабок. Кога секој ден гледате војна во светот, кога гледате дека оние што треба да ги избираат зборовите и тешките работи да ги кажуваат на убав начин не го прават тоа, треба да знаеме дека насилството понекогаш почнува од зборот. Зборот боли, зборот убива, зборот повредува. Ако на зборот нема одговор или ако никој не укаже дека тоа не е во ред, тогаш тоа се шири секој ден и станува нешто во што човек не може да верува – потенцира претседателката.

Таа оцени дека насилството не е поврзано исклучиво со социјалниот статус, сиромаштијата или безнадежноста и дека кон него прибегнуваат и луѓе што, како што рече, имаат добри услови за живот.

– Особено мислев дека по смртта на едно дете ние ќе се освестиме, односно дека мажите ќе се освестат. Но, и по многуте мерки што ги презедовме, се покажа дека само нормативните решенија не се доволни. Сè уште како да имаме мажи трауматизирани од патријархалната политичка култура и нелогични недоразбирања меѓу родители, меѓу луѓе што се сакаат. За мене е шокантно да сакате физички или со збор да повредите некого за кого тврдите дека го сакате и го почитувате. Јасно ми е дека проблемот не е само женски. Но, се чини дека сега треба да преземеме активности. Сите што ги наброивме треба да седнеме, да ги преиспитаме досегашните мерки, да утврдиме конкретни планови и секојдневно да бидеме активни. Јас не гледам друго решение – истакна претседателката Силјановска-Давкова, пренесува МИА.