Фото: ЕПА/илустрација

Танкерот „ГАС ХАСКИ“ потона на околу 50 наутички милји источно од бугарскиот брег во Црното Море, а бугарските воени сили и воздухопловството се вклучени во операција за пребарување и спасување на членовите на екипажот.

Како што соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за одбрана, во акцијата е ангажирана и авијацијата. Авион Су-25 на бугарските воздухопловни сили полетал во 10.25 часот по локално време и извршил воздушно извидување на пошироката област во која се случил инцидентот, пренесe БТА.

Воените сили се вклучиле во операцијата по наредба на началникот на одбраната, а на барање на Главната дирекција за итни и спасувачки активности при Извршната агенција „Поморска администрација“.

Според достапните информации, танкерот исчезнал од радарските системи кратко по полноќ, а во 8.02 часот утрото бил испратен повик за помош.

Инцидентот се случува во близина на местото каде што претходниот ден со беспилотно летало бил погоден друг брод, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на пловидбата во регионот.

Имено, товарен брод под сомалиско знаме еден ден претходно испратил сигнал за помош во бугарската ексклузивна економска зона во Црното Море. Сите 12 членови на неговиот екипаж биле успешно евакуирани.

Во изминатите недели во оваа морска област се регистрирани повеќе инциденти со бродови, од кои дел завршиле со потонување на пловила и загубени човечки животи.

Според медиумските извештаи, некои од бродовите биле погодени со беспилотни летала, но засега нема официјални информации за тоа кој стои зад нападите.