Фото: ЕПА

Поранешниот косовски претседател и еден од поранешните лидери на ОВК, Хашим Тачи, е осуден на затворска казна за попречување на правдата, кршење на тајноста на постапката и непочитување на судот во Хаг, пренесе „РТС“.

Во пресудата на Специјализираните совети за Косово во Хаг, на Тачи му е изречена единствена казна затвор. Бидејќи претходно поминал доволно време во притвор во рамките на овој случај, се смета дека казната е веќе издржана.

Судијата Кристофер Госнел, при образложувањето на пресудата, посочи дека надвор од разумно сомнение е утврдено оти Тачи и дел од останатите обвинети учествувале во активности насочени кон попречување на службени лица во вршењето на нивните должности, откривање доверливи информации и непочитување на судот.

Во истиот предмет, Башким Смакај и Фадил Фазлију добија по 12 месеци затвор, Хајредин Кучи е осуден на условна казна од еден месец со едногодишен пробен период, додека Исни Килај е ослободен од обвинението.

Обвинителството претходно побара шест години затвор за Тачи, без да му се пресмета времето поминато во притвор. За Смакај, Килај и Фазлију побара по три години затвор, а за Кучи девет месеци.

Според обвинението, во периодот од 12 април до 2 ноември 2023 година, за време на одделни посети во притворскиот центар, Тачи им доставувал на останатите обвинети доверливи информации за сведоците на обвинителството во посебниот предмет во кој се соочува со обвиненија за воени злосторства.

Обвинителството тврдеше дека Тачи им давал и конкретни насоки како да влијаат врз сведоците во постапката против него.

Тачи се соочуваше со повеќе обвиненија, меѓу кои обиди за попречување на службени лица, кршење на тајноста на постапката и непочитување на судот. Останатите обвинети, исто така, беа опфатени со различни точки од обвинението.

Оваа пресуда е одделна од постапката за воени злосторства, во која Тачи претходно беше осуден на 25 години затвор за злосторства извршени во текот на 1998 и 1999 година.