Си Џинпинг, Трамп и Путин на иста маса: Нуклеарното оружје, Иран и судбината на Украина на трилатерален договор за глобална мултиполарност
Средбата на Доналд Трамп, Си Џинпинг и Владимир Путин, најавена за 19 ноември во кинескиот град Шенжен, на маргините на самитот на АПЕК, нема да биде обична дипломатска епизода, ниту протоколарна фотографија на тројца моќници. „Нова Македонија“ пред извесно време ја анализираше претстојната средба, добивајќи ја ексклузивно информацијата од американски дипломат од кариера. Денес, непосредно пред средбата од највисок светски формат, нашиот медиум повторно се осврнува на овој настан.
Имено, тоа е настан што ги отсликува длабоката трансформација на меѓународниот поредок и обидот на трите најмоќни нуклеарни сили да ги испитаат границите на сопственото влијание во светот што сè помалку функционира според правилата воспоставени и по Втората светска војна, а и по т.н. Студена војна.
Интересен е најновиот податок во кој Белата куќа ја потврди средбата, но американската администрација истовремено ја спушти топката во однос на очекувањата, дека „не се очекува конкретен договор, туку почеток на разговорите“.
– Токму во таа формулација се крие и најважната политичка порака. Вашингтон, Пекинг и Москва засега не се подготвени да склучат голем договор, но очигледно сметаат дека е опасно да продолжат да не разговараат – вели еден наш соговорник, македонски дипломат.
НУКЛЕАРНАТА РАМНОТЕЖА – МОТИВОТ ШТО ГИ СОБИРА: НОВИОТ СТАРТ ИСТЕЧЕ ВО ФЕВРУАРИ ГОДИНАВА
Најсериозната тема на масата ќе биде контролата врз нуклеарното оружје. Трамп најавува разговор за намалување на нуклеарните арсенали, но зад оваа декларативно мирољубива позиција се наоѓа една многу покомплицирана стратешка пресметка. Договорот Нов СТАРТ, последниот голем договор што ги ограничуваше стратешките нуклеарни сили на САД и Русија, истече во февруари 2026 година. Со тоа светот остана без клучниот билатерален механизам за ограничување на американските и руските стратешки нуклеарни арсенали. Во меѓувреме Кина работи на нови пристапи во врска со сопствениот нуклеарен потенцијал. Според процените на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања, Пекинг располага со околу 620 нуклеарни боеви глави. Тоа е значително помалку од американскиот и рускиот арсенал, но технолошките иновации и темпото на кинескиот развој, вклучително и во таа област, според американски аналитичари, предизвикуваат сериозна загриженост во Вашингтон. Трамп сака Кина да седне на маса на која досега главни партнери беа Америка и Русија. А „разговорот за разоружување“ истовремено ќе биде и „разговор за контрола на вооружувањето“, како и за „рамнотежа и координација на правилата на идната светска безбедносна архитектура“.
ИРАН – СИЛАТА ЗА КОЈА ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА НА СРЕДБАТА
Втората голема тема е Иран. Американско-израелските воени операции против Техеран во февруари годинава отворија една од најопасните регионални кризи во последните децении. По прекинот на огнот и неуспешните обиди за поширок договор, конфликтот повторно влезе во фаза на ограничени судири, санкции и дипломатски притисоци. Трамп очигледно сака да ја искористи средбата за да ја тестира подготвеноста на Москва и Пекинг да влијаат врз иранското раководство. Но тука неговиот простор за маневар е ограничен. Имено, Кина има значајни економски и енергетски интереси во односите со Иран, додека Русија го гледа Техеран како важен партнер во сопствената стратегија за спротивставување на западното влијание. Прашањето е дали Вашингтон бара вистинско дипломатско посредништво или само сака да ја измери подготвеноста на Москва и Пекинг да му помогнат во решавањето на кризата што самата американска политика не успеа да ја затвори.
ТРИ ЛИЧНОСТИ, ТРИ РАЗЛИЧНИ АМБИЦИИ
Трамп оди во Шенжен со потреба да демонстрира дека може да разговара со двајцата најмоќни геополитички конкуренти на Америка и истовремено да наметнува американски услови. По изборните загуби на домашен терен и сложената иранска криза, неговата надворешна политика има потреба од видлив дипломатски резултат. Путин доаѓа со сосема поинаква пресметка. За него, најважно е Русија да биде третирана како глобална сила, а не како држава чии потези треба да ги одобрува Западот. Неговата цел е да ја зачува стратешката тежина на Москва и да ја искористи конкуренцијата меѓу Вашингтон и Пекинг. Си, пак, има можеби најдолгорочна стратегија. Нему не му е потребна драматична победа за еден ден. Неговата цел е постепено проширување на кинеското влијание и создавање меѓународен поредок во кој американската доминација повеќе нема да се подразбира. За претседателот на Кина, Си Џинпинг, средбата во кинескиот град Шенжен е многу повеќе од место за дипломатски протокол.
Кина со организацијата на самитот на АПЕК се претставува како центар на меѓународната соработка, економската стабилност и новите технолошки текови. Амбиција е Пекинг да ја верификува својата улога како фактор без чија согласност не може да се решаваат најголемите светски прашања. Си Џинпинг е лидер што сака да ја искористи средбата за да ја зацврсти позицијата на Кина како рамноправен, а во азиско-пацифичкиот простор и доминантен геополитички актер. Дополнителен товар претставуваат американско-кинеските трговски тензии, извозните ограничувања и контролата врз најнапредните полупроводници. Технологијата одамна престана да биде само економско прашање. Таа е прашање на национална безбедност и на идната воена и индустриска надмоќ.
ШЕНЖЕН НЕ Е НОВА ЈАЛТА, НО СИГУРНО Е НАЈАВА ЗА ПОЧЕТОК НА НОВА ЕРА
Фактот што Илон Маск ќе биде дел од американската делегација, но нема да учествува на трилатералниот состанок, дополнително ја покажува тежината на економско-технолошката димензија на посетата. Денес границата меѓу државната моќ, капиталот, вештачката интелигенција и безбедноста станува сè потенка. Сепак, не треба да се претерува со историските споредби. Шенжен не е нова Јалта, ниту е најавен договор за „поделба на светот“.
Засега нема информација дека тројцата лидери ќе постигнат некаков таен компромис за Украина, Европа или Азија. Но симболиката е доволно силна. Трите нуклеарни сили препознаваат дека нивната меѓусебна конкуренција може да произведе катастрофа ако не се воспостават барем минимални правила на комуникација. Прашањето, затоа, не е дали во Шенжен ќе биде постигнат историски договор. Прашањето е дали Трамп, Си Џинпинг и Путин ќе успеат да создадат степен на доверба во свет во кој секој од нив сака да биде перципиран од јавноста како посилен од другите. Ако одговорот биде негативен, оваа средба ќе остане само фотографија на тројца лидери пред следната геополитичка бура. Ако, пак, разговорот отвори вистински процес за нуклеарна контрола и управување со кризите, Шенжен би можел да стане почеток на нова фаза во меѓународната политика. Во секој случај, светот ќе гледа кон Кина. Зашто кога тројцата најмоќни лидери седнуваат на иста маса, најважно не е само што ќе кажат еден на друг туку и што ќе одлучат за сите други. Р.С.
Украина нема да биде тема на трилатералата во Шенжен
Можеби најинтересниот момент е она што, според најавите на американските претставници, нема да биде тема на трилатералниот состанок: Украина. Вашингтон тврди дека за војната води посебна преговарачка линија со Киев и Москва и дека Кина не е дел од тој процес. Ова објаснување е дипломатски разбирливо, но политички отвора сериозни прашања. Како може да се разговара за новата светска безбедносна архитектура, за нуклеарното оружје и за односите меѓу најголемите сили, а да се избегне конфликтот што најдиректно ги тестира европската безбедност и односите меѓу Русија и Западот? За Путин, самото присуство на иста маса со американскиот и кинескиот претседател е значајна дипломатска победа. Тоа му овозможува да демонстрира дека Русија не е изолирана и дека останува незаменлив фактор во глобалната политика. За Украина, пак, постои реален ризик големите сили да разговараат за нејзината иднина без нејзино непосредно присуство. Киев со години предупредува дека никакво решение не може да биде легитимно ако украинската држава не е рамноправен учесник во преговорите. И токму тука се наоѓа една од најголемите противречности на оваа средба: светските сили зборуваат за мир, но државата на чија територија се води најголемата војна во Европа не е дел од разговорот. Р.С.
„Енвидија“ – ќе има ли мал простор за размена на ставови?
Особено чувствителна димензија на посетата е скандалот околу „Енвидија“ и оставката на Џенсен Хуанг. Американскиот технолошки гигант се најде во центарот на сериозни прашања за односите со Кина, извозот на напредни чипови и сомневањата за можни разузнавачки активности. Според известувањето на „Ројтерс“, американските власти се сомневале дека Алиса Хуанг, деловна партнерка на компанијата, има врски со кинеските разузнавачки структури. Важно е да се нагласи дека овие сомневања не се независно потврдени од „Ројтерс“, а Пекинг ги отфрла обвинувањата. Оставката на Хуанг дополнително ја усложнува ситуацијата. Неговото заминување не е само корпоративен скандал, туку настан што отвора прашања за тоа колку длабоко се испреплетени американските технолошки компании, државната безбедност и геополитичката конкуренција со Кина. Трамп, сепак, најавува дека контролата врз извозот на чипови нема да биде тема на разговорите со кинеското раководство. Тоа е показател дека Вашингтон не сака сите свои најчувствителни карти да ги стави на една дипломатска маса. Р.С.

































