Фото: МИА

Агенцијата за разузнавање во периодот кога Алта банка влегувала на македонскиот пазар немала разузнавачки сознанија за евентуални безбедносни закани или ризици поврзани со нејзиното работење, поради кои би било потребно известување на државниот врв. Ова го истакна директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, на собраниската надзорна расправа посветена на работењето на Алта банка.

Одговарајќи на прашањата на пратениците, Јаковлева објасни дека секоја информација со која располага Агенцијата поминува низ процес на проверка и евалуација пред да биде споделена со надлежните институции.

Таа појасни дека во конкретниот случај немало информации доставени до државниот врв, бидејќи не биле исполнети условите за задолжително известување.

– Пред да се споделат одредени информации, следи сериозна фаза на нивна евалуација, задолжителна проверка на точноста и веродостојноста, како и оцена на релевантноста на изворите. Не биле исполнети условите за задолжително известување на државниот врв поврзано со Алта банка – рече Јаковлева.

Таа нагласи дека Агенцијата продолжува да ги следи сите појави што би можеле да влијаат врз националната и економската безбедност на државата, додавајќи дека е подготвена во затворен формат да сподели дополнителни информации со надлежната собраниска комисија.

На прашањето на пратеничката Славјанка Петровска дали Агенцијата има сознанија за контакти на лица од политичкиот, бизнис или медиумскиот сектор во земјава со Давор Мацура, во контекст на Алта банка, Јаковлева одговори дека не располага со конкретни информации за такви активности.

– Во овој случај можам да кажам дека немаме конкретни информации кои би можеле да ги споделиме во однос на конкретни активности. За сите активности што ги следиме сме координирани со безбедносните институции во државата и со меѓународните партнери – истакна директорката.

Јаковлева потсети дека Агенцијата за разузнавање нема извршни овластувања, туку нејзината улога е насочена кон навремено споделување информации и рано предупредување. Сите релевантни сознанија ги доставува до институциите кои имаат законски надлежности за понатамошно постапување.

Осврнувајќи се на пошироката безбедносна состојба, одговарајќи на прашање на пратеничката Лидија Петковска, таа посочи дека Агенцијата континуирано ги следи последиците од војната во Украина, случувањата на Блискиот Исток, регионалните политички кризи, странските влијанија и хибридните закани.

Во фокусот на разузнавачките процени се и тероризмот, кибербезбедноста, како и енергетската и економската безбедност.

Според Јаковлева, размената на информации со НАТО и партнерските разузнавачки служби се одвива континуирано и претставува важен механизам за обезбедување навремени и проверени информации за државниот врв.

На почетокот на обраќањето, таа појасни дека Агенцијата за разузнавање, како надворешна разузнавачка служба, има надлежност да собира, анализира и проценува информации од значење за националната безбедност, надворешната политика, одбраната и економските интереси на државата, при што работи согласно начелата на законитост, објективност и политичка неутралност.