Фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, обраќајќи се на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, порача дека климатските амбиции мора да се преточат во конкретни политики и имплементација, а меѓународната солидарност да се потврди преку реални инвестиции. Таа ги реафирмираше македонските заложби за климатска акција, нагласувајќи дека транзицијата кон чиста енергија мора да биде праведна, достапна и финансиски одржлива.

– Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден и здрав свет, како и можност не само да преживеат, туку и да напредуваат – порача претседателката.

Потсетувајќи дека поминаа десет години од потпишувањето на Парискиот договор, Силјановска-Давкова истакна дека климатската криза не е само прашање на управување со емисиите на стакленички гасови, туку и прашање на одговорност кон идните генерации.

– Ние сме првата генерација која целосно ги разбира последиците од сопствените избори, а можеби и последната која има време да го промени правецот. Идните генерации ќе живеат со последиците од нашите одлуки – нагласи таа.

Во обраќањето посочи дека климатската акција ја поставила како личен и политички приоритет, што било поттик за иницирање национален дијалог во кој се вклучени експерти, креатори на политики и практичари, со цел заедничко дефинирање на македонската климатска агенда.

Дел од оваа заложба е отсликана во третиот Национално утврден придонес (NDC 3.0), кој предвидува намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80 проценти до 2035 година, со можност намалувањето да достигне 82 проценти доколку се обезбеди меѓународна финансиска поддршка.

Според претседателката, ова ја поставува државата на патот кон климатска неутралност до 2050 година, која треба да стане и правно обврзувачка цел.

Таа посочи дека националните климатски амбиции треба да се преточат во конкретни политики и законски решенија преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција. Овие документи се усогласени со Реформската агенда на Европската Унија и Националната развојна стратегија 2024–2044.

Осврнувајќи се на предизвиците на енергетската транзиција, Силјановска-Давкова нагласи дека преминот од јаглен кон чисти и обновливи извори на енергија не смее да создаде дополнителен товар за граѓаните кои веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветни услови за греење и загаден воздух.

Таа предупреди дека вооружените конфликти и енергетската криза дополнително ја усложнуваат транзицијата, поради што е неопходно таа да биде праведна и достапна, со посебно внимание на потребите на жените, децата и младите.

– Не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние кои се соочуваат со тешкотии денес. Транзицијата што ги остава луѓето зад себе ја поништува сопствената цел – порача претседателката.

Во таа насока, таа ја потврди поддршката на Македонија за Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот од Анталија за зелена индустријализација, како и иницијативата Рио Синергии.

Сепак, посочи дека реализацијата на климатската трансформација бара значителна меѓународна финансиска поддршка. Повикувајќи се на Извештајот на Светската банка за клима и развој на земјата, истакна дека декарбонизацијата и адаптацијата кон климатските промени подразбираат инвестициски потреби од милијарди долари.

Затоа, според неа, националните амбиции мора да бидат проследени со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, трансфер на технологии, јакнење на капацитетите и силни партнерства.

– Солидарноста не треба да се мери само со зборови, туку и со инвестиции што ќе им овозможат на земјите подготвени да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку да ја направиме остварлива – заклучи Силјановска-Давкова.