ЕУ меѓу геополитичките мегаамбиции и внатрешните поделби и сериозни несогласувања
- Европа сè поретко е на главните маси на кои се носат важните геополитички одлуки, а сè почесто е во улога на набљудувач, коментатор или спореден учесник на настаните. Додека Вашингтон и Москва разговараат за Украина, европските престолнини се обидуваат да најдат заеднички јазик. И самите земји членки на ЕУ ја користат секоја можност пред донесувањето на заедничките одлуки да се осврнат на своите национални потреби како приоритетни, дури и кога станува збор за интереси на целата Унија. Во самата Унија се редат закани со блокади, финансиски условувања и национални калкулации. Каква доверба во таква Европа треба да имаат земјите кандидати што со години чекаат пред нејзините врати?
Внатрешните поделби во Европската Унија стануваат сè поизразени, и тоа за прашања што се од стратешко значење за нејзината иднина. Од војната во Украина и односите со Русија, преку заедничката одбранбена политика, па до финансирањето и проширувањето, сè потешко се доаѓа до заеднички став. Секоја членка има свои приоритети, свои пресметки и свои услови, кои често стануваат пречка за носење одлуки од кои зависи и самата иднина на Унијата.
Затоа можеби и не е толку изненадувачки што Европа сè поретко е на главните маси на кои се носат важните геополитички одлуки, а сè почесто е во улога на набљудувач, коментатор или спореден учесник на настаните. Додека Вашингтон и Москва разговараат за Украина, европските престолнини се обидуваат да најдат заеднички јазик. И самите земји членки на ЕУ ја користат секоја можност пред донесувањето на заедничките одлуки да се осврнат на своите национални потреби како приоритетни, дури и кога станува збор за интереси на целата Унија.
ГЕРМАНСКИОТ УЛТИМАТУМ ЗА ЕВРОПСКИОТ БУЏЕТ
Најновиот пример доаѓа од Берлин. Германскиот канцелар Фридрих Мерц се закани дека Германија ќе го блокира усвојувањето на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија доколку сите не се обврзат земји членки да учествуваат во финансиската поддршка за Украина во 2027 година и во наредниот период.
Во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Мерц ја условува германската поддршка за буџетот за периодот од 2028 до 2034 година со постигнување договор за заедничко финансирање на Киев. Според процените, Украина следната година би можела да се соочи со финансиски недостиг од околу 70 милијарди евра, поради продолжувањето на војната и растечките воени и буџетски потреби.
Германија бара сите членки, без исклучок, праведно да го споделат финансискиот товар, а не одговорноста повторно да падне врз ограничен број држави. Берлин инсистира и на долгорочен механизам за финансирање на Украина, кој би бил дел од новиот европски буџет, вклучително и покривање на каматите за преземените обврски.
Но проблемот е што сите не размислуваат така. Унгарија, Словачка, Бугарија и Чешка веќе сигнализираа дека не сакаат да учествуваат во новата финансиска помош за Киев. Германија, како најголем нето-придонесувач во европскиот буџет, смета дека не е прифатливо некои земји да користат европски средства, а потоа да одбиваат да ги споделат заедничките финансиски обврски.
Мерц оди и чекор понатаму, предлагајќи за идното финансирање на Украина да се одлучува со квалификувано мнозинство, наместо со едногласност, со што би се намалила можноста една држава да ги блокира одлуките. Но и тоа отвора нова расправа за правилата на функционирање на Унијата, во која секоја промена на досегашниот начин на одлучување бара сериозен политички договор.
И СОЛИДАРНОСТА СТАНУВА ПРЕДМЕТ НА УЦЕНУВАЊЕ
Европската Унија сака да ја води Европа, да биде глобален геополитички играч и да зборува во име на заедничките европски интереси, но сè почесто изгледа како да не може да се договори ниту сама со себе. Мерц практично порачува дека ако не се прифати она што го бара Германија, нема да има договор за следниот седумгодишен буџет. Од една страна, Берлин бара сите да ја споделат финансиската одговорност за Украина, што само по себе е легитимно прашање, но од друга страна, за да го постигне тоа, посегнува по закана со блокада.
Имено, ако Германија може да го условува заедничкиот буџет со свои барања, зошто утре тоа не би го направила Бугарија за некое прашање поврзано со Македонија или која било друга членка за прашање што го смета за свој национален приоритет? Ако секој може да го држи во заложништво заедничкиот интерес за да добие нешто за себе, тогаш каде завршува европската солидарност, а каде почнува политичкото пазарење?
Тука е и суштинската противречност на европскиот проект. Од земјите кандидати се бара почитување на правилата, предвидливост, институционална стабилност, компромиси, владеење на правото и усогласување со заедничките политики. Но каква порака испраќа Унијата кога нејзините членки се закануваат со блокади, поставуваат услови и ги претвораат заедничките одлуки во заложници на националните интереси?
А КАДЕ СЕ ТУКА ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТИ?
Според некои аналитичари, инаку добри познавачи на евроинтегративните регионални процеси, за земјите од Западен Балкан ова не е само уште една расправија меѓу европските лидери туку е и прашање на доверба во целиот процес на проширување.
– Земјите кандидати со години слушаат дека мора да ги исполнат европските стандарди, да ги спроведат реформите, да ги усогласат законодавствата и да покажат политичка зрелост. Сето тоа е разбирливо, таква е нивната стратешка определба. Но сега прашањето е дали и самата Унија е подготвена да покаже дека правилата важат еднакво за сите и дека исполнувањето на обврските ќе биде проследено со исполнување на ветувањата, оти од она што го гледаме и слушаме, очигледно не е така – посочуваат аналитичарите.
Тие нагласуваат дека ако денес една членка може да го блокира европскиот буџет, утре друга може да го блокира проширувањето, а трета да постави некое свое национално прашање како услов за напредок на кандидатите.
– Во една ваква ситуација, каква гаранција имаат земјите што чекаат пред европските врати дека нивната иднина нема повторно да зависи од нечии внатрешни политички пресметки? И како да им се објасни на земјите од Западен Балкан дека европската солидарност е темелна вредност на Унијата, кога и самите нејзини членки ја претвораат во предмет на финансиско и политичко наддавање? Европа, се разбира, не е без свои предности, ниту нејзиниот проект ја загубил смислата, но проблемот е што амбициите за нејзината глобална улога сè потешко се совпаѓаат со реалноста на нејзиното внатрешно функционирање. ЕУ не може да биде геополитичка сила ако секоја поголема одлука се претвора во преговарачка драма меѓу 27 национални престолнини. Не може да се бара единство од кандидатите, а самата Унија постојано да покажува колку е тешко да го постигне – појаснуваат нашите соговорници.
За нив најважното прашање не е само кога Украина ќе добие финансиска помош, кога ќе заврши војната или кога Западен Балкан ќе стане дел од Унијата, туку каква Европска Унија ќе постои тогаш и дали таа ќе биде заедница на еднакви држави или клуб во кој секој го отвора патот кон заедничките одлуки само кога ќе му бидат исполнети неговите услови.
– Тешко е да се бара безусловна доверба од оние што чекаат пред вратата, кога и оние што веќе седат внатре не можат да се договорат за заедничката маса – заклучуваат нашите соговорници.
































