Есенски извештај на Светска банка за регионот на Западен Балкан
- Западен Балкан расте, но не со доволна динамика за да стане доволно конкурентен. Само еден до четири проценти од новите извозни
активности на компаниите опстојуваат пет години. Административните бариери, слабата продуктивност и недоволната поврзаност со
странските инвеститори го кочат економскиот потенцијал… - Регионот е отворен кон меѓународната трговија, но таа отвореност сè уште не ја следи доволно силна домашна производствена база. Особено загрижува фактот што само мал број компании успеваат да го претворат првиот извозен успех во долгорочно присуство на странските пазари. Есенскиот извештај на Светската банка отвора една суштинска дилема за идниот економски развој на Западен Балкан
Економиите на Западен Балкан би можеле значително да ја зголемат својата економска моќ без нужно да чекаат „нови големи инвестиции“. Доволно е да отстранат дел од пречките што секојдневно им го поскапуваат и отежнуваат работењето на компаниите. Според симулацијата на Светската банка, намалувањето за половина на преостанатите ограничувања за увоз би можело да го зголеми регионалниот бруто-домашен производ дури за 12,5 проценти на среден рок. Станува збор за потенцијален ефект од реформи што би овозможиле полесно движење на стоките, поевтини суровини и помалку административни трошоци. Пораката од есенскиот економски извештај на Светската банка е дека Западен Балкан не страда само од недостиг на капитал туку и од преголем број бариери што го ограничуваат неговото искористување. Иако шесте економии бележат забрзување на растот, нивната способност да создаваат конкурентни домашни компании и одржлив извоз останува кревка. Регионот е отворен кон меѓународната трговија, но таа отвореност сè уште не ја следи доволно силна домашна производствена база. Особено загрижува фактот што само мал број компании успеваат да го претворат првиот извозен успех во долгорочно присуство на странските пазари. Есенскиот извештај на Светската банка отвора суштинска дилема за идниот економски развој на Западен Балкан. Имено, дали регионот ќе продолжи да расте главно преку потрошувачка, инвестиции и евтина работна сила или ќе успее да создаде компании што можат да се натпреваруваат со европската и светската конкуренција?
Растот се забрзува, но економскиот јаз останува
Според проекциите на Светската банка, шесте економии на Западен Балкан – Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово – во 2026 година ќе остварат просечен економски раст од 3,1 проценти, наспроти 2,6 проценти во 2025 година. За 2027 и 2028 година се очекува дополнително забрзување, со стапка од 3,4 проценти. Сепак, подобрите макроекономски показатели не се доволни за да се затвори развојниот јаз со ЕУ. Растот и натаму во голема мера ќе го потпираат домашната потрошувачка и инвестициите, додека продуктивноста и извозната конкурентност остануваат слабите точки на регионалните економии. Со други зборови, поголемата потрошувачка може да ја раздвижи трговијата, а јавните и приватните инвестиции да создадат нова побарувачка, но без посилно домашно производство и компании способни да освојуваат странски пазари, таквиот модел има ограничен потенцијал.
Само мал дел извозници преживуваат пет години
Еден од највпечатливите показатели во извештајот се однесува на издржливоста на регионалните извозници. Само околу една третина од компаниите што започнуваат нова извозна активност успеваат да ја одржат во текот на првата година. До петтата година, уделот на оние што опстојуваат се сведува само на еден до четири проценти. Ова покажува дека проблемот не е само во пронаоѓањето странски купувачи туку и во способноста да се одржи континуирано присуство на меѓународниот пазар. За тоа се потребни стабилен квалитет, конкурентни цени, сигурни доставувачи, навремена испорака и доволно финансиски средства за развој. Колку слабата извозна одржливост е поголем проблем толку е појасно дека на регионот му се потребни компании што нема само повремено да извезуваат туку и ќе можат да изградат долгорочни деловни односи и да станат дел од европските и глобалните синџири на снабдување.
Администрацијата поскапа од царините
Западен Балкан веќе е силно интегриран во меѓународната трговија. Во 2025 година вкупната размена на стоки и услуги достигнала 107 проценти од регионалниот БДП, надминувајќи го просекот на ЕУ од 90 проценти. Дополнително, извозот на услуги во изминатите 15 години е зголемен четирикратно. Но високата трговска отвореност не значи и ефикасен пазар. Светската банка посочува дека значителен товар за компаниите претставуваат нецаринските ограничувања, односно различните административни процедури, дозволи, инспекции, сертификати и национални регулативи. Просечните увозни царини во регионот се околу шест проценти, но дополнителните трошоци што произлегуваат од нецаринските мерки се проценуваат на околу десет проценти! Дури звучи неверојатен податокот дека во одделни земјоделско-прехранбени сектори тие надминуваат 20 проценти, додека ограничувањата за прекугранично обезбедување услуги достигнуваат проценет еквивалент од 29 проценти! Токму тука се крие и голем дел од неискористениот економски потенцијал. Намалувањето на половина од преостанатите пречки за увоз, според симулацијата на Светската банка, може да донесе раст на регионалниот БДП до 12,5 проценти на среден рок. Тоа е процена на можниот ефект од реформите, а не прогноза за автоматско зголемување на економијата.
Евтината работна сила веќе не е доволна
Досегашниот модел на привлекување странски инвестиции, заснован главно на пониски плати и географска близина до европските пазари, постепено ги достигнува своите ограничувања. Растот на платите, демографското стареење и недостигот од работници ја намалуваат ценовната предност на регионот. Доколку компаниите не инвестираат во модернизација и зголемување на продуктивноста, повисоките трошоци за труд може директно да ја поткопаат нивната конкурентност. Затоа следната фаза на развој мора да се заснова на технологија, автоматизација, истражување и иновации. Разликата меѓу фабрика што само склопува увезени компоненти и компанија што развива сопствени производи, софтвер и инженерски решенија е и разлика меѓу ниската додадена вредност и вистинската конкурентност. Истото тоа важи и за услужниот сектор, каде што иднината не е само во евтините и стандардизирани услуги туку и во специјализираните дигитални, финансиски и деловни решенија за странски клиенти.
Шест мали пазари треба да функционираат како еден поголем
Ограничената големина на националните пазари е дополнителен хендикеп за компаниите од Западен Балкан. Со мала домашна побарувачка потешко се оправдуваат големи вложувања во нови производствени капацитети, технологии и развој на производи. Во врска со ова многупати од Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека „регионалната интеграција е реална потреба“ и дека тој процес не треба да биде само „политичка декларација“. Усогласувањето на прописите, меѓусебното признавање на стандардите и отстранувањето на административните пречки би им овозможиле на компаниите да работат на поширок пазар, наместо да се приспособуваат на шест различни системи. Таквиот пристап би ги олеснил регионалните синџири на снабдување, би ја зголемил привлечноста за инвеститорите и би им овозможил на домашните компании полесно да достигнат обем неопходен за извозна експанзија. Истовремено, конкуренцијата меѓу државите за привлекување инвеститори не треба да се сведува само на субвенции и даночни олеснувања. Квалитетот на институциите, инфраструктурата, образованието и деловната регулатива стануваат сè поважни фактори.
Повеќе извоз значи и подобро платени работни места
Поголемата извозна конкурентност не е важна само за макроекономските показатели. Таа има директно влијание и врз квалитетот на стопанството, на работните места и на животниот стандард. Според Светската банка, компаниите вклучени во меѓународната трговија вработуваат најголем дел од работниците во преработувачката индустрија. Тие, во просек, се поголеми и исплаќаат повисоки плати од претпријатијата што се ориентирани главно кон домашниот пазар. Тоа значи дека создавањето конкурентни извозници може да донесе двоен ефект: поголема економска активност и подобро платени работни места. Пораката од есенскиот извештај е дека иднината на Западен Балкан нема да зависи само од тоа колку инвестиции ќе привлече или колку проценти ќе порасне БДП туку и од тоа дали ќе успее да изгради домашни компании способни да се натпреваруваат на европскиот и светскиот пазар. Потенцијал за раст постои, но неговото претворање во повисок животен стандард ќе бара помалку административни процедури, повеќе продуктивност, технолошки развој и вистински заеднички регионален пазар. Е.Р.
































