ФУДБАЛ
- Формалното пензионирање на Роналдо од репрезентацијата на Португалија го остава неговиот рекорд од 146 гола како цел за многу голгетери
Ерата Лионел Меси-Кристијано Роналдо заврши во фудбалските натпревари за репрезентации, а во Лигата на нациите неделава и идната недела најдобрите европски напаѓачи продолжуваат со потера по извонредните резултати во вкупно постигнати голови на двајцата великани, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Формалното пензионирање на Роналдо од репрезентацијата на Португалија минатата недела го остава неговиот рекорд од 146 гола како цел за Хари Кејн (со 91 погодок), Килијан Мбапе (67), Ерлинг Холанд (65)…, пишува АП. Тој рекорд на Роналдо е постигнат на неверојатни 234 натпревари за репрезентацијата во текот на 23 години. Меси ја заврши својата кариера во репрезентацијата на Аргентина минатиот месец како втор најдобар стрелец на сите времиња, со 126 погодока, пред Али Даеи од Иран, кој постигна 108 гола од 1993 до 2006 година, пишува АП.
Следните тројца активни на оваа голгетерска листа се Ромелу Лукаку со 94 гола, Роберт Левандовски со 92 и Кејн со 91. Холанд во просек постигнува повеќе од еден гол по натпревар за Норвешка, стапка невидена откако Герд Милер постигна 68 гола на 62 меча во кариерата за Западна Германија, која заврши со одлучувачкиот гол во финалето на Светското првенство во 1974 година, пишува АП.
Кејн ќе постави рекорд за Англија од 126 натпревари ако заигра кога таа репрезентација ќе биде домаќин на Хрватска вечерва. Англија потоа в недела игра со светскиот и европски шампион Шпанија, која ја почнува неделата со серија од 42 натпревари без пораз. Мбапе и Франција се соочуваат со Италија во Милано вечерва, а три дена подоцна се домаќини на Турција, додека Холанд и Норвешка прво се домаќини на Велс, а потоа играат на гости со Данска во вторник.
По шест кола на групната фаза, победниците и второпласираните од сите четири групи ќе играат во четврт-финалето на Лигата на нациите. Н.М.
































