Рангирање на најбогатите земји во светот во изминатите две децении
- Гледано според економскиот учинок по лице, најбогатите земји во светот се главно мали развиени држави, претежно лоцирани во Европа.
Сепак, една јужноамериканска земја го следеше моделот на државите од Персискиот Залив за постигнување поголемо богатство. Гвајана со експлоатацијата на нафтените резерви се искачува меѓу светските економски лидери според проекциите за 2026 година
Светската економска мапа открива интересен парадокс – најбогати земји не се нужно и најголемите светски економии. Малите, но високоразвиени држави со години доминираат на врвот според економското производство по жител, додека новите нафтени откритија отвораат простор за неочекувани промени во глобалната ранг-листа. Проекциите за 2026 година покажуваат дека економската моќ добива нови димензии, а разликите во богатството меѓу земјите стануваат уште повпечатливи.
Гледано според економскиот учинок по лице, најбогатите земји во светот се главно мали развиени држави, претежно лоцирани во Европа. Сепак, една јужноамериканска земја го следеше моделот на државите од Персискиот Залив за постигнување поголемо богатство.
Лихтенштајн со децении го има највисокиот економски учинок по жител во светот, достигнувајќи над 195.000 долари според проекциите за 2026 година. Во Европа се наоѓаат голем број од земјите со највисок бруто-домашен производ (БДП) по жител. А БДП по жител во Гвајана порасна на над 95.000 долари, највисоко ниво во Америка, по експлоатацијата на големи нафтени резерви.
Оваа визуализација ги рангира земјите со највисок БДП по жител во 2006, 2016 и 2026 година, користејќи проекции од извештајот „Светски економски изгледи“ (World Economic Outlook) на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Вредностите се изразени во тековни цени и се приспособени според паритетот на куповната моќ (ПКМ).
Најголеми промени во рангирањето
Уште во 2006 година Лихтенштајн беше на врвот на светската листа, како единствена земја чиј БДП по жител (112.499 долари) достигна шестцифрена сума. По оваа мала алпска држава следуваа Луксембург (96.014 долари), како и земјите од Персискиот Залив богати со нафта, како што се Катар (86.252 долари) и Обединетите Арапски Емирати (74.230 долари).
Повеќето од најбогатите земји во светот, според овој критериум, се мали финансиски центри, како што се Сингапур и Швајцарија. Табелата во прилог на текстот ги прикажува најбогатите земји во светот според БДП по жител, приспособен според паритетот на куповната моќ, за 2006 година.
Различни земји го зголемија своето економско богатство преку различни пристапи. Сингапур, на пример, разви индустрии што се конкурентни на меѓународно ниво, вклучувајќи ги секторите за полупроводници и фармацевтски производи. Благодарение на силата на овие индустрии, земјата на крајот се искачи на втор највисок БДП по жител (173.708 долари) во светот во 2026 година. Трансформацијата на Гвајана, пак, започна со откривање ресурси, што целосно го промени економскиот профил на земјата.
Како нафтата ја трансформираше економијата на Гвајана
Производството на нафта во Гвајана започна дури во декември 2019 година. Со проширувањето на производството на отворено море, влијанието се прошири и надвор од нафтата. Приходите од нафта помогнаа во финансирањето на инфраструктурата и програмите за човечки капитал, додека јавните инвестиции ги поддржаа изградбата и другите домашни активности.
За една мала економија, развојот на значајна извозна индустрија може брзо да го промени производството по жител. БДП по жител во оваа земја бележи пораст поголем отколку каде било на друго место од 1990 година наваму. Се предвидува дека до 2026 година Гвајана ќе има повисок БДП по жител (95.477 долари) од која било друга земја на западната хемисфера, вклучително и од Соединетите Американски Држави (94.430 долари).
Предизвикот за Гвајана лежи во претворањето на оваа неочекувана добивка во трајни придобивки. Гвајана ги акумулира приходите од нафтата во Фонд за природни ресурси, што помага да се постигне рамнотежа помеѓу тековните развојни потреби и идните заштеди. Ефективното инвестирање е од клучно значење бидејќи цените на нафтата можат нагло да варираат, а повисокиот национален просек не значи автоматски подобри услуги или повисоки приходи за секое домаќинство.
Подемот на Република Ирска ја нагласува улогата на меѓународните компании
Подемот на Република Ирска одразува поинаков вид на меѓународна поврзаност: улогата на мултинационалните компании. Профитот што го остваруваат мултинационалните компании во странска сопственост придонесува кон домашното производство, дури и кога тој на крајот завршува кај сопствениците во странство. Ова може да создаде значителен јаз помеѓу големината на економијата и приходите што реално им остануваат на жителите.
Корпоративното реструктурирање исто така може да доведе до невообичаено големи скокови. Во 2015 година преместувањето на билансите на компаниите во Ирска – вклучително и на нивната интелектуална сопственост – предизвика драматичен пораст на пријавениот БДП. Ирската влада дури воведе и паралелен начин на мерење на економскиот учинок, со цел да се земат предвид активностите на овие мултинационални фирми.
Според прогнозите, до 2026 година БДП по жител во Ирска ќе изнесува 159.129 долари, што ќе биде второ највисоко ниво во Европа и трето највисоко во светот. Е.Р.
































