Фото: МИА/Архива

Со сослушување на вештото лице д-р Анита Поповска, економист, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица, пренесе МИА.

На прашањето дали целосно останува на изготвениот вешт наод и мислење, Поповска одговори потврдно.

Таа објасни дека вештачењето се однесува на набавката на видео-лотариски терминали за приредување игри на среќа. Во анализата биле опфатени планирањето на набавката од страна на Државна лотарија, донесувањето одлуки, разгледувањето на понудите од економските оператори, склучувањето рамковни спогодби, како и реализацијата на поединечните договори, испораката на опремата и извршените плаќања.

Поповска посочи дека третиот економски оператор бил избран во постапката за јавна набавка, но од документацијата со која располагала не произлегувало дека биле склучени поединечни договори, ниту дека имало испорака, фактурирање или плаќање кон него.

Одговарајќи на прашање, таа потврди дека вкупниот исплатен износ за набавката изнесува 596.125.511 денари.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ, во изјава за медиумите по рочиштето, рече дека денеска, согласно динамиката на судењето, било предвидено испитување на вештото лице кое го изработило наодот и мислењето по барање на обвинителството.

Тој посочи дека одбраната приговарала на дел од прашањата што ѝ биле поставени на вештакот, бидејќи, според адвокатот, тие излегувале надвор од содржината на вештачењето и од наредбата врз основа на која било изработено.

-Одбраната смета дека со вака поставените прашања, кои излегуваат надвор од наредбата и одговорите дадени во самиот вешт наод и мислење, всушност се поставуваат прашања што би требало да бидат предмет на друго вештачење – рече Алиспахиќ.

На прашањето дали има нешто спорно во вештачењето, адвокатот одговори дека, според ставот на одбраната, постапката, јавните набавки и исплатата на средствата се во ред. Сепак, нагласи дека дали вештачењето е на штета на обвинетите ќе се утврдува во понатамошниот тек на судската постапка.

Алиспахиќ повторно укажа дека прашањата поставени од предлагачите на вештачењето, според одбраната, ги надминувале рамките на првичната наредба и на изготвениот наод, поради што биле поднесени приговори.

Во однос на отсуството на актуелниот директор на Државна лотарија, адвокатот рече дека денешното рочиште било посветено на испитувањето на вештото лице, а јавноста дополнително ќе биде информирана за следните расправи и за неговото сослушување.

Покрај Груби и Бајрами, во предметот се обвинети и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјасниле дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.