Фото: Училишна архива

Под мотото „Минатото нѐ создаде, иднината нѐ повикува“, скопското основно училиште „Љубен Лапе“ во населбата Аеродром ги обедини учениците, наставниците и родителите, како и поранешните ученици и сите оние што се дел од нивната училишна приказна, преку симболични четириесет активности за одбележување на четириесетгодишниот јубилеј.
– Чувство на чест, гордост и длабока почит ме исполнува додека го одбележуваме овој значаен историски момент за нашето училиште – 40 години од неговото постоење и успешно работење. Четири децении претставуваат значаен временски период во кој се вградени трудот, посветеноста, знаењето и успесите на голем број генерации што биле и остануваат дел од нашето големо училишно семејство – вели актуелната директорката на училиштето Фоника Станоева.
И додека следевме што се случува во ова училиште, за миг посакавме и ние повторно да сме ученици и да уживаме во сите тие интересни, возбудливи и креативни активности. Кога би ви раскажале за сите нивни настани и случувања поврзани со јубилејот, малку би ни биле четирите страници на „Колибри“, но ќе издвоиме неколку што можеби ќе бидат инспирација и вие да направите нешто слично во вашето училиште.
Активот на вторите одделенија подготви пано со симболични 40 ѕвездички, а секоја од нив носи порака за знаењето, другарството, добрината, успехот и радоста на учењето.
Четвртоодделенците со изработки од пластични капачиња и волница го реализираа проектот „Од отпад до уметност“, а ученици од екотимот засадија дрвја и празнично го уредија училишниот хол. На часот по хемија, преку користење различни супстанции, „магично“ се појави бројот 40, а математичарите дешифрираа бројки во букви, па така решаваа и решаваа, а на крајот резултатот беше честитката: Четири децении знаење и успеси – ООУ „Љубен Лапе“. Исто така, беше реализиран и „Математички предизвик 40“. Беше реализиран и квиз на знаењето, а некои од учениците ги посетија блискиот зелен пазар и трговскиот центар, подарувајќи им колачиња на вработените и на случајните минувачи.
Преку експеримент, младите физичари покажаа дека секој ученик има свој уникатен потенцијал што испливува на површина кога ќе се потопи во училишната „мензура со знаење“. На часовите по македонски јазик беше креирано „Јазично дрво на времето“ – дрво од 40 збора чии корени ги чуваат зборовите од минатото, стеблото го претставува јазикот на сегашноста, а крошната е исполнета со зборови и идеи за иднината.
– Учениците од 5-1 и 5-6 одделение имаа можност да ја проследат музичката претстава „Волшебната флејта на Вулфи“, во соработка со родителот во 5-6 одделение Дино Имери, кој со својата ќерка, а наша ученичка Гала Имери Илкоска преку музиката, уметноста и волшебната сценска изведба, приреди едно незаборавно доживување, исполнето со радост, фантазија и убави впечатоци. Нашиот поранешен ученик Бранко Атанасов, пак, заедно со свои колеги глумци, реализира театарска претстава за нашите ученици во холот на училиштето, насловена „Академијата на Итар Пејо“ – современа сценска адаптација што ја оживува народната мудрост на Итар Пејо и ја преточува во јазикот и прашањата на новите генерации – велат од училиштето.
Исто така беа остварени и меѓуучилишни соработки, квизови, спортски натпревари, видеопрезентации и сѐ што на најдобар начин ги покажува креативноста на учениците, посветеноста на наставниците и плодовите од успешната четиридецениска работа на училиштето, која со засилен интензитет продолжува и натаму.


Песни и цртежи за јубилејот

  • Во рамките на празнувањето, во беше распишан конкурс за избор на најдобри ликовни и литературни творби. Ги објавуваме најдобрите творби од одделенска и од предметна настава

Минатото нѐ создаде,
иднината нѐ повикува
​Четириесет години
од училиштето славиме,
затоа ние разни
активности правиме.
​
Со многу прашалници
во глава влеговме,
затоа со многу
знаење излеговме.
​
Минатото нѐ создаде,
иднината нѐ повикува,
а кај секое дете
ново знаење никнува.

Напишала: Хана Петкова,
4-1 одделение

Нацртала: Матеја Ѓорѓиева, 3-4 одделение

Дишам, создавам,
постојам
На часовите по биологија учиме
за екологија – како планетата
наша да ја чуваме,
да не ја загадуваме, да ја почитуваме
и да ѝ се радуваме.

Ако ја чуваме природата,
реките и морињата ќе бидат чисти,
во еколошка смисла сите
да бидеме исти.
За да имаме чист небесен сјај
и Земјата да ни биде вистински рај!

Нека згаснат моторите,
нека исчезне смогот –
да ја чуваме земјата подарена од Бога.
Со секое засадено дрво и нов лист
воздухот во градот би бил почист.

Да ги чуваме секоја река и цвет
и целиот жив свет.
Ајде сите заедно да не оставаме
трага од отпад зад нас,
туку да создадеме зелена иднина
– почист, поубав свет за сите нас.

Напишала: Ема Качева,
7-2 одделение


За патронот:

Лапе е еден од најзначајните македонски историчари, просветители и универзитетски професори. Роден е на 11 октомври 1910 година во Прилеп, основно образование завршил во родниот град, а гимназија во Битола. Дипломирал Општа историја на Филозофскиот факултет во Белград. Својата професионална кариера ја започнал во Трговско-занаетчиското училиште во Прилеп, а подоцна работел како професор во Подгорица, Струмица, Елхово и Панаѓуриште. Уште од младоста се вклучил во студентското движење и во културно-просветниот живот. Подоцна бил помошник-министер за просвета на Народна Република Македонија, а од 1946 година професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил меѓу основоположниците на Филозофскиот факултет, на Катедрата и Институтот по историја, како и на Архивот на Македонија и Друштвото на историчарите. Главна негова преокупација била историјата на македонскиот народ. Меѓу неговите позначајни дела се „Пере Тошев во спомените на своите современици“ и „Димитар Поп Ѓорѓиев Беровски“. Бил редовен член на МАНУ, бил меѓу иницијаторите за основање на „Гласникот на Институтот за национална историја“, соработувал и на „Енциклопедијата на Југославија“ и на „Историјата на македонскиот народ“. Го добил наградите „Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“, а бил одликуван со „Орден на Републиката со златен венец“. Неговите први генерации студенти го нарекувале „македонски Херодот“ и „татко на македонската историја“. Починал на 24 ноември 1985 година, оставајќи зад себе значајно научно дело и трајно наследство во македонската просвета и историографија.

(Од монографијата OOУ „Љубен Лапе” – 40 години раст и развој“, редакција: Мирјана Накова, Јулијана Димовска)