Фото: ЕПА

САД го затвораат последниот коридор за снабдување на Техеран – Касписко Море

  • Вашингтон отвора ново поглавје во економско-безбедносната стратегија против Техеран. Имено, по поморското ограничување, на удар се
    копнените коридори, руските врски и мрежите за снабдување со воена технологија. Нашиот соговорник, генерал на АРМ во пензија, го анализира формирањето на специјалната работна група „Железна порта“ што официјално го објави американската Централна команда (ЦЕНТКОМ)

Вашингтон отвора нов фронт против Иран, но овој пат главната битка нема да се води на море, туку по копнените граници, трговските коридори и финансиските канали што ја одржуваат иранската воена индустрија. На 7 ноември 2026 година, американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) официјално го објави формирањето на специјалната работна група „Железна порта“ (Task Force Iron Gate). Наредбата ја издал командантот на ЦЕНТКОМ, адмиралот Бред Купер, а новата единица ќе има околу 20 воени и цивилни претставници со седиште во Тампа, Флорида. Нејзината мисија е да го спречи Иран да внесува напредни оружени системи, технологии со двојна намена, санкционирана стока и финансиски средства преку копнените граници и Касписко Море. Но зад административниот назив на оваа работна група се крие многу подлабока стратегија. Американскиот притисок врз Техеран да се прошири од поморската блокада кон целокупната инфраструктура на неговото меѓународно снабдување. Според ЦЕНТКОМ, американската поморска блокада веќе спречила ирански извоз на сурова нафта во вредност од повеќе од 25 милијарди долари – бројка што ја објавува самата американска команда. Меѓутоа, истражувањето на „Ројтерс“ открива дека ограничувањето на морскиот сообраќај не ги прекинало сите канали преку кои Иран ја обновува својата воена инфраструктура.

КАСПИСКО МОРЕ – НОВАТА ГЕОПОЛИТИЧКА ТОЧКА НА ПРИТИСОК

Според споменатото истражување на „Ројтерс“, од јануари 2025 година Иран успеал да увезе воена опрема, експлозиви и тешки транспортни возила во вредност од најмалку две милијарди долари. Особено внимание привлекува географскиот распоред на доставата на тие испораки. Имено, бродски транспорт од Русија преку Касписко Море, камионски пратки од Централна Азија и карго-летови. Токму затоа Касписко Море добива ново стратешко значење. Она што досега беше важен регионален трговски простор, сега станува дел од пошироката американска безбедносна пресметка. За Вашингтон проблемот не е само во оружјето што пристигнува во Иран туку и во компонентите, електрониката, индустриските машини и технологиите што можат да се употребат за производство на ракети и беспилотни летала.
– За волја на вистината, за Америка, особено е чувствителна руската димензија. Иако во соопштението на ЦЕНТКОМ, Москва не е именувана како директна цел, истражувањата и анализите укажуваат на руско-ирански транспортни и воени врски преку Касписко Море. Тоа отвора можност за ново американско-руско надмудрување во регион во кој пет држави – Русија, Иран, Азербејџан, Казахстан и Туркменистан – имаат непосреден пристап до Касписко Море. Вашингтон, сепак, се соочува со сериозно географско и дипломатско ограничување. Познато е дека САД немаат сопствено воено присуство на Касписко Море, а евентуалното спроведување на мерките ќе зависи од соработката со регионалните држави. Тука се појавува и Турција, која преку својата долга копнена граница со Иран претставува важна точка во регионалната трговија и транспорт. Пакистан, Туркменистан, Азербејџан и другите соседни земји, исто така, добиваат поголема важност во американските планови за спречување на трансферот на стоки со воена намена – анализира наш соговорник, генерал на АРМ во пензија.

АМЕРИКАНСКАТА ОПЕРАЦИЈА САКА ДА ГИ СОПРЕ ПРОИЗВОДИТЕ СО
„ДВОЈНА НАМЕНА“

Нашиот соговорник, генерал и воен аналитичар, истакнува еден многу интересен факт во брифингот на темата „Железна порта“, а тоа е дека дополнителна компликација претставува фактот што голем дел од индустриските производи имаат двојна намена, а тоа е дека можат да служат за цивилно производство, но и за развој на воени системи.
– Во една ваква ситуација, неопходно е да се истакне еден интересен факт за голем дел од производите што се увезуваат во Иран. Имено, добар дел од индустриските производи имаат двојна намена, а тоа значи дека можат да служат за цивилно производство, но и за развој на воени системи. Тоа значи дека контролата врз трговијата може да се претвори во сложен дипломатски и економски проблем, особено за државите што имаат значајни трговски односи со Техеран. Издвојувам и дека во анализите на некои медиуми, воените експерти не се согласуваат во целост дека новата американска иницијатива може целосно да ги прекине иранските снабдувачки линии. Нивната аргументација е дека Иран располага со децениски развиени трговски контакти во Азија и поширокиот регион, додека мрежите за заобиколување на санкциите постојано се приспособуваат – анализира нашиот соговорник.

Иранската Револуционерна гарда: Суров обид за економско задушување на Иран

Иранската Револуционерна гарда ја отфрла американската иницијатива и ја толкува како суров обид за економско задушување на земјата, оценувајќи дека Вашингтон нема да ја постигне посакуваната цел. Уште една важна димензија е внатрешната координација во американската администрација: покрај воените структури, во работата на „Железна порта“ се очекува да бидат вклучени министерствата за финансии, за надворешни работи и за правда, како и разузнавачките служби. Тоа покажува дека операцијата не е замислена само како воена активност туку како комбинација од разузнавање, финансиски контроли, санкции и дипломатски притисок. Дополнителна тежина на целата стратегија ѝ дава Пекинг, бидејќи кинеските компании и транспортните канали се дел од пошироката мрежа за снабдување со индустриски и технолошки производи. Токму затоа американските потези можат да имаат последици што ќе ги надминат билатералните односи меѓу Вашингтон и Техеран и ќе ги засегнат односите со Москва и Пекинг.

ДАЛИ „ЖЕЛЕЗНАТА ПОРТА“ ЌЕ ГО ЗАПРЕ ИРАН?

Најголемото прашање е дали „Железна порта“ ќе стане ефикасен инструмент за ограничување на иранските воени капацитети или само нов механизам за продолжување на економскиот и геополитичкиот судир.
– Ова е легитимно прашање за секој аналитичар. Особено е чувствително прашањето дали регионалните држави ќе прифатат поголема американска улога во контролата на нивните трговски коридори, имајќи предвид дека нивните економски интереси не секогаш се совпаѓаат со стратегијата на Вашингтон. Во исто време, иницијативата се појавува во период на засилени дипломатски напори за запирање на војната и за спречување нова ескалација на Блискиот Исток. Но, според мене, едно е сигурно. Очигледно, американската стратегија повеќе не се ограничува на контрола на иранските пристаништа и извозот на нафта, туку се насочува кон пошироката мрежа што му овозможува на Техеран да тргува, да набавува технологија и да ја обновува својата воена моќ. „Железна порта“ можеби засега е само работна група од дваесетина луѓе во Флорида, но нејзината вистинска тежина ќе се мери според тоа дали Вашингтон ќе успее да ги затвори коридорите што водат кон Иран, без притоа да отвори уште поголем конфликт со Москва, Пекинг и целиот регион – анализира нашиот соговорник, воен експерт, сега генерал во пензија на АРМ. Р.С.