Европската комисија бара од Албанија поголеми напори за унапредување на заштитата на националните малцинства, особено во делот на спроведувањето на законските гаранции и остварувањето на нивните права во секојдневниот живот. Ова е една од забелешките во Извештајот за напредокот на Албанија за 2026 година, објавен на 4 ноември, кој го пренесе македонскиот весник „Илинден“- Тирана.
Во извештајот се оценува дека, и покрај воспоставената законска рамка за заштита на националните малцинства, неопходно е нејзино целосно и ефикасно спроведување во практиката.
Посебно се нагласува потребата од зајакнување на институционалните капацитети на Државниот комитет за национални малцинства, како и обезбедување долгорочни финансиски средства и соодветен човечки потенцијал за негово непречено функционирање.
Европската комисија укажува и на потребата од поголема вклученост на локалните власти во спроведувањето на политиките за заштита и унапредување на малцинските права.
Овие забелешки се особено значајни за македонското национално малцинство во Албанија, но и за другите малцински заедници, чии припадници имаат право на зачувување и негување на својот јазик, култура, идентитет и традиции.
На потребата од подобрување на состојбите претходно укажа и Народниот правобранител на Албанија, во студија презентирана во јуни 2026 година. Во неа беше посочен јазот меѓу правата загарантирани со закон и нивното реално остварување.
Главната порака на Европската комисија е дека законската заштита на националните малцинства мора да биде проследена со конкретни мерки и резултати, еднакви можности и целосно почитување на правата на сите заедници.
Оценките се дел од годишниот процес на следење на реформите што Албанија треба да ги спроведе на патот кон членство во Европската Унија.































