Фото: Министерство за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Полициската академија се сретна со делегација на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), предводена од директорот за Европа и Централна Азија, Артур Еркен. На средбата била потврдена досегашната успешна соработка и подготвеноста за нејзино натамошно продлабочување.

Тошковски изразил благодарност за континуираната поддршка од ИОМ, оценувајќи дека заедничките проекти имаат значаен придонес во спроведувањето на реформите во Министерството за внатрешни работи.

Во разговорите посебен акцент бил ставен на дигитализацијата, унапредувањето на граничното управување и зајакнувањето на капацитетите за борба против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти. Министерот посочил дека активностите со ИОМ се усогласени со реформските приоритети на МВР.

Директорот Еркен ја истакнал важноста на партнерството со македонското Министерство за внатрешни работи и изразил подготвеност за продолжување на соработката преку нови заеднички проекти и активности.

По средбата, Тошковски и Еркен извршиле увид во градежните активности на објект во рамки на Полициската академија, чија реконструкција се финансира преку ИПА 2024 проектот „Јакнење на системите за управување со нерегуларна миграција и борба против организираниот криминал во Македонија“.

Проектот го спроведува Меѓународната организација за миграција и има за цел зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на условите за справување со безбедносните и миграциските предизвици.