ТЕНИС – ПО ТРИУМФОТ НА МАСТЕРС-ТУРНИРОТ ВО ПАРИЗ

  • Алкараз сега има 16 големи титули, во кои спаѓаат гранслем-трофеите, титулите на мастерс-турнирите 1.000, АТП-финалињата и златните олимписки медали во поединечна конкуренција, пишува АТП

Карлос Алкараз се приближи до Јаник Синер во нивната трка за т.н. големи титули, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Шпанецот во неделата го победи Бен Шелтон во финалето на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Париз и успеа да се приближи на една голема титула до својот голем ривал. Тој сега има 16 големи титули, во кои спаѓаат гранслем-трофеите, титулите на мастерс-турнирите 1.000, АТП-финалињата и златните олимписки медали во поединечна конкуренција, пишува АТП.
Ова беше првата голема титула на Алкараз откако се врати по повреда на зглобот на гранслем-турнирот САД опен. Алкараз сега освои барем една титула на мастерс-турнирите 1.000 во пет последователни сезони и девет трофеи на тоа ниво. Синер е веднаш пред него со 10 триумфи на мастерс-турнирите 1.000, откако ги освои првите пет такви турнири во 2026 година.
Третиот играч на ранг-листата на АТП, Алкараз, ги освои сите свои големи титули од почетокот на сезоната 2022, со просек од повеќе од три големи титули годишно. Првата голема титула годинава за Алкараз беше историска. Шпанецот триумфира на Австралија опен и го комплетира кариерниот гранслем, со победи на сите четири гранслем-турнири.
Сега Алкараз е поблиску до комплетирање и на т.н. Златен мастерс во кариерата. Тој освои седум од деветте мастерс-турнири од серијата 1.000, а му недостигаат трофеите од турнирите во Канада и во Шангај, пишува АТП.
Алкараз освои голема титула на секои 3,9 турнири на кои играл. Тој заостанува само зад Новак Ѓоковиќ (3,3) и зад Рафаел Надал (3,5) во таа категорија, пишува АТП. Алкараз сега ќе се обиде да ја додаде големата титула што уште ја нема во својата колекција, трофејот од АТП-финалињата, што треба да се одржи од 15 до 22 ноември во Торино. Н.М.


ОСВОЕНИ ГОЛЕМИ ТУРНИРИ, АЛКАРАЗ И СИНЕР

Карлос Алкараз 7/21 0/3 9/37 16/62 3,9
Јаник Синер 5/27 2/4 10/41 17/72 4,2

колоните се гранслем-трофеи, АТП-финалиња, мастерс-турнири 1.000, вкупно големи титули и просекот на турнири потребни за освојување голема титула

Извор: АТП