Охрид 25 години потоа: Од Теарце до Тетовското кале (XII дел)

Кој зборува во името на Албанците во Македонија – гласачкото ливче или пушката? Во првите три месеци од 2001 година, Македонија зачекори во својата најголема неизвесност од прогласувањето на независноста. „Хроника на една одамна најавена војна“ веројатно би бил провокативниот наслов за опис на тие недели, кога предупредувањата, стравувањата и сите потреси од претходната деценија на просторите на поранешна Југославија конечно почнаа да се кристализираат во изострен судир и во Македонија.
Во таа временска точка се судрија два процеса што дотогаш паралелно се развиваа околу албанското прашање во Македонија. Првиот беше производ на цела една деценија демократско приспособување. Партиите на етничките Албанците беа озаконети, избраа пратеници во Собранието, градоначалници и советници во општините, полноправно учествуваа во работата на сите институции, раководеа во министерства, а се отвораа прашања за јазикот, образованието и за застапеноста. Со други зборови, постоеше јасен политички процес за решавање на албанското прашање низ демократските институции. Но сето тоа течеше пребавно и со огромни сопки, обременето и со завидно количество недоверба. Истовремено, никој не треба да негува илузии за природата на македонската демократија од тие времиња. Изборното насилство, клиентелизмот, партизацијата, корупцијата и непотизмот ја нагризуваа демократската легитимација на поредокот кај сите нејзини граѓани. Учеството на партиските раководства на ПДП и ДПА бавно се прелеваше во конкретни придобивки за просечниот Албанец во Македонија. Вториот процес, пак, произлезе од „победничкиот дух“ по бомбардирањето на СР Југославија и косовската војна. По 1999 г., УЧК се претвори во мит, стана симбол и громогласен восклик. Тој патриотски вознес не можеше да запре на граничните црти на Косово и веќе се прелеа во Прешевската Долина. Успешната акција на македонската полиција од Колари беше веќе далечно минато, па по 1999 година веќе изградените мрежи на УЧК во Македонија добија нов поттик, самодоверба и чувство дека токму тие се носители на ветриштата на историјата.
Затоа конфликтот што започна со нападот во Теарце не беше само судир меѓу државата и една вооружена организација. Додека ДПА се обидуваше да го задржи приматот во демократската политика и да го докрајчи ПДП, околу ОНА почна да расте нов центар на политичко влијание, чиј авторитет извираше од моќта на оружјето и мирисот на барутот. Оттука и централното прашање на пролетта 2001 година: не само дали државата ќе ја запре ОНА туку и дали политичките партии ќе го задржат правото да зборуваат во името на Албанците во Македонија. Од Теарце до Тетовското кале токму таа борба ќе стане еднакво важна, како и самите борби на теренот.
Но токму тука се наметнува и најтешкото прашање. Што мислеа обичните Албанци во Македонија додека партиите и герилците се бореа за правото да ги претставуваат? За разлика од Косово, Македонија беше густо испреплетено мултиетничко општество, со сите предности и предизвици што оваа мешавина ги носи со себе. Најголем беше влогот токму за Албанците од Македонија затоа што разгорувањето на војната ќе значеше дека секој нивен дом се претвора во борбено жариште и линија на фронтот. Од тие причини, борбата за претставување не беше едноставен политички судир за лидерството и легитимитетот кај најголемиот етнички блок во Македонија. За Албанците во Македонија тоа беше најкритичното прашање на сопствената иднина, живот и безбедност, односно дали албанското прашање во земјата ќе се решава на избори или на бојното поле?
Меѓутоа, политичката атмосфера во целиот регион кон крајот на 2000 година не оставаше простор да се насети дека и во Македонија ќе пукне уште една во низата на војните за југословенското наследство. Сепак, македонската криза никогаш не беше само југословенска приказна. Таа истовремено беше и дел од пошироката драма на албанското национално прашање на Балканот. На 5 октомври 2000 година, во Белград, Воислав Коштуница беше прогласен за нов претседател на СР Југославија по бурен ден на протести со сцени што потсетуваа на современа верзија на „Слобода го води народот“ од Делакроа. Од денешна перспектива, мошне е тешко да се опише колкаво беше чувството на олеснување низ целиот регион по заминувањето на Милошевиќ од власта, а уште потешко колкави беа очекувањата за иднината.

Српската опозиција не беше единствената што веруваше дека речиси сите отворени балкански прашања извираа од национализмот и самоволието на еден човек, па дека со неговото заминување регионот конечно ќе се врати на зацртаната европска патека. Во Косово политичкиот процес конечно влегуваше во институционални рамки, додека Црна Гора и Албанија се подготвуваа за избори. Бугарија забрзано напредуваше кон НАТО и ЕУ, а Грција на Костас Симитис активно ги поддржуваше процесите на регионално помирување и интеграција. Се чинеше дека Балканот конечно почнува да ја затвора деценијата на војни, санкции и распаѓања. Иницијативите како Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, поддржани со силна реторика и од ЕУ и од САД, дополнително го зајакнуваа впечатокот дека регионот постепено преминува од поле на војни кон нераскинлив дел на новата европска приказна, а дури се зборуваше дека Балканот ќе стане пример за моќта на европската интеграција и за ЕУ како мировен проект.
И Македонија имаше свои причини за оптимизам. Продажбата на „Македонски телекомуникации“ на крајот од 2000 година се претвори во една од главните политички и економски теми, а јавноста повеќе расправаше како да се потрошат парите од приватизацијата отколку дали државата се движи кон нова безбедносна криза. Економски, 2000 година беше значително подобра од стравувањата што ја следеа косовската криза.
Но политичката сцена во Македонија остана бурна и по локалните избори. Претседателот Борис Трајковски уживаше силна меѓународна поддршка, особено американска, што не може да се каже за неговиот углед во земјата. Тој настојуваше да изгради свој центар на моќта и околу себе собираше ликови што се сметаа за авангарда на прозападната политика во Македонија. Но за најголемиот дел од опозицијата тој и натаму беше „граѓанинот Трајковски“ поради изигрувањето на изборната волја во вториот круг претседателските избори од 1999 година. Премиерот Љубчо Георгиевски беше сериозно политички истоштен поради обидот на опозицијата за создавање „ново парламентарно мнозинство“, но тој сепак успеа цврсто да ја зачува владината коалиција проширувајќи ја со повторно создадените либерали на Стојан Андов и со дел од отпадниците на Демократска алтернатива. Притоа тој сѐ уште го троши стекнатиот меѓународен капитал за време на бомбардирањето на СР Југославија и позицијата како еден од клучните играчи на САД и на Европската Унија на Балканот. Бранко Црвенковски, пак, го потврди својот статус на „нов крал на македонските плоштади“, но му беше јасно дека тој и СДСМ сега се означени како политички чинители со „чудни намери“ од страна на меѓународната заедница.
Наедно, крајот на 2000 година претставуваше и зенит на политичкото влијание на Арбен Џафери. ДПА доминираше во албанскиот политички простор, додека ПДП постепено се претвораше во лушпа од партијата што цела деценија го предводеше албанското политичко движење. Дел од тоа беше резултат на способноста на Џафери да се наметне како најрелевантен соговорник за албанското прашање во Македонија, а дел и на изборните практики, па и насилството, организирани од Мендух Тачи што сериозно ја ослабија позицијата на неговите противници. Во Приштина и во Тирана тој беше третиран како еден од најзначајните паналбански политички интелектуалци на својата генерација. На почетокот од 2001 година изгледаше дека неговата основна политичка теза победува: албанското прашање може да се решава преку институциите, со преговори и постепените реформи, но под закрилата на САД и на ЕУ. Само неколку недели подоцна ќе се појави предизвик што нема да ја оспори само неговата политика туку и неговото право да зборува во името на Албанците во Македонија.

Така, политичко Скопје ја дочека новата 2001 година ушушкано во уверувањето дека најтешкото поминало зад Македонија и останува мирно едрење кон Брисел. И токму во тој моментот беа испукани првите истрели во Теарце. На 22 јануари 2001 година, вооружени напаѓачи отворија оган врз полициската станица во Теарце. Загина полицаецот Гоце Стојчевски, прва жртва на војната, а неколку негови колеги беа ранети. Тоа, секако, не беше прв инцидент во Македонија со меѓуетничка заднина и со призвук на политичко насилство. Затоа и првичните реакции на институциите беа претпазливи. Одговорноста за нападот го презеде дотогаш непознатата Ослободителна народна армија (Ushtria Çlirimtare Kombëtare) со иста кратенка на албански јазик како и косовската УЧК. Повикувањето на симболиката на косовскиот конфликт не помина незабележано иако првично сите се фокусираа на пронаоѓање на сторителите. Малкумина обрнаа внимание дека ОНА си го присвојува правото да зборува во името на Албанците во Македонија.
Како и секое сериозно герилско движење, така и ОНА уште на самиот почеток многу повеќе внимание посветуваше на својот имиџ пред јавноста отколку на воените акции. Впрочем, герилската војна пред сè е политичка дејност, а куршумите се само едно од нејзините средства. Серијата коминикеа од ОНА нормално беа многу противречни, збунувачки, преполни со воена реторика и националистичка патетика, зачинети со реторика на човекови права. Имаше ред пораки кон Албанците, ред пораки кон меѓународната заедница, но и редови со закани кон Македонците. Коминикето број 4 на ОНА конечно изложи и нешто што наликуваше на политичка програма на организацијата. Таму македонските власти беа означени како „славомакедонски окупатор“, со што беше оспорен самиот легитимитет на македонската држава. Со таквото образложение конфликтот повеќе не се претставуваше како спор околу правата, граѓанската рамноправност и уставниот поредок туку како борба против наводна окупација. Повиците кон заедничката судбина на Албанците и инсистирањето на единството на албанскиот народ без оглед на постојните државни граници природно поттикнуваа сомнежи дека организацијата се залага за ревизија на државните граници по етнички принцип. Токму затоа коминикето бр. 4 не беше доживеано како обична декларација на една герилска организација. За едните тоа беше повик за подлабока рамноправност, за другите програма зад која се насетуваше многу поширок национален проект. Но во двата случаја пораката беше иста: ОНА не сакаше да биде само вооружена формација. Таа сакаше да биде политички претставник на Албанците во Македонија. А тоа директно го предизвикуваше авторитетот на Арбен Џафери и на албанските партии, кои цела една деценија тврдеа дека националните цели можат да се остварат преку институциите, а не преку пушката.
Кога денес се пишува за воената 2001 година, Теарце речиси секогаш останува во сенка на Танушевци. Тоа само покажува колкава е моќта на современите електронски медиуми во обликувањето на колективната меморија. На 16 февруари 2001 година, екипата на А1 телевизија, предводена од новинарката Снежана Лупевска, беше пресретната на влезот во селото од вооружени лица со ознаки на УЧК. Со тој настан војната за првпат влезе во дневните соби на македонските граѓани. Дотогаш ОНА постоеше како непотврдена гласина, уште една во низата страшила за јавноста, но во Танушевци таа доби конкретно лице, униформа, грб, оружје и територија. Политичката вредност на таа медиумска изложеност тешко може да се прецени. За неколку минути телевизиска снимка, ОНА доби повеќе публицитет отколку со сите свои дотогашни акции и соопштенија заедно. Уште поважно, Танушевци создаде впечаток дека организацијата не е само вооружена група туку организирана сила што контролира простор и настапува со доволно самодоверба за јавно да ја предизвика македонската држава пред телевизиските камери. Токму затоа Танушевци претставуваше прва политичка победа за ОНА. За една герила, политичките победи секогаш се најзначајни, дури и кога немаат ниту една јасна војничка победа.

Но најважната последица од Танушевци можеби и не беше појавувањето на ОНА пред телевизиските камери. Во Скопје и натаму преовладуваше убедувањето дека станува збор за релативно мала вооружена група, која со решителна полициска и воена акција може брзо да биде совладана. Таквата процена не беше неразумна. Искуството од деведесеттите години, од Колари до низа помали инциденти, навистина упатуваше на заклучок дека државата има капацитет да се справи со ваквите предизвици.
За жал, Македонија уште во првите недели од кризата ќе ја плати цената на долгогодишното запоставување на безбедносниот сектор. Армијата ќе се покаже способна да ја потиснува ОНА секогаш кога герилците ќе бидат принудени на директен судир. Но герилската војна ретко се добива на фронт. Ќе изостанат и брзата полициска реакција и јасната политичка стратегија. Така, додека државата се обидуваше да утврди со што точно се соочува, ОНА веќе работеше на многу поважна задача: да се наметне како политички претставник на Албанците во Македонија.
По Теарце и Танушевци, покрај македонската држава, во менгеме се најде и Арбен Џафери. Тој беше свесен дека целосна и безрезервна осуда на герилата може да го оттурне од расположението на дел од албанската јавност, особено по бомбардирањето на Косово. Оттука и двосмисленоста што ќе ја обележи значителен дел од јавните реакции на албанските политички елити во првите месеци од кризата. За разлика од него, Мендух Тачи ќе настапува поодлучно и ќе влезе и во авантури што лесно можеа до доведат до граѓанска војна меѓу самите Албанци во Македонија. Во меѓувреме на теренот кризата продолжи да се развива со сопствена логика. Танушевци постепено се претвори во симболичен центар на судирот. Додека македонските безбедносни сили се обидуваа да воспостават контрола, ОНА добиваше нешто што за секоја герила е еднакво важно како и оружјето: време. Секој ден во кој организацијата остануваше присутна во јавноста ја зацврстуваше претставата дека станува збор за сериозен политички фактор, а не за краткотрајна безбедносна закана.
Во тие недели постепено од сенка почна да излегува и Али Ахмети. За разлика од многумина вооружени команданти што доминираат во воените конфликти, Ахмети многу рано сфати дека вистинската борба нема да се води само на теренот. Уште од самиот почеток неговото внимание беше насочено кон политичката легитимација на ОНА. Организацијата не бараше само воени успеси. Таа бараше политичко признавање.

Токму затоа симболичката тежина на настаните во Тетово беше толку голема. Во текот на март 2001 година, кризата веќе не можеше да се претставува како периферно гранично прашање ограничено на Танушевци. Таа се префрли во најголемиот урбан центар на Албанците во Македонија. Со тоа драстично се промени и природата на војната. Во тој контекст особено значење доби митингот во Тетово. Тој покажа дека борбата не се води само со оружје туку и со симболи, емоции и политички пораки. Познатата изјава „тоа се наша деца“ не беше само емотивна реакција на еден човек. Таа ја отсликуваше дилемата со која се соочуваше значителен дел од албанската јавност: како да се однесува кон луѓето што зеле оружје, но тврдат дека настапуваат во име на национална кауза.
Кулминацијата дојде со настаните околу Тетовското кале. Во воена смисла тоа не беше најголемата операција во конфликтот. Во политичка смисла, меѓутоа, ефектот беше огромен. Калето покажа дека кризата повеќе не може да се сведе на поединечни инциденти, гранични провокации или мали вооружени групи. Пред очите на целата јавност се водеше борба околу прашањето кој ја има политичката иницијатива.
До крајот на март 2001 година уште никој не знаеше како ќе заврши конфликтот. Не беше јасно ниту дали ОНА ќе биде поразена, ниту дали државата ќе успее брзо да ја врати контролата врз ситуацијата. Но едно веќе стануваше очигледно. Прашањето што ја обележа пролетта 2001 година не беше само дали Македонија се соочува со оружен бунт. Прашањето беше кој има право да зборува во името на Албанците во Македонија. Партиите го темелеа тоа право врз изборите. ОНА врз пушката. Токму судирот меѓу тие два извора на легитимитет ќе ја одреди понатамошната динамика на целата криза.
Но претходно ќе се навратиме на ликот што се прослави со изјавата: „Тоа се нашите деца“. Во следното продолжение следува дискусија за ликот и делот на Миљаим Фејзиу.