Министерката за образование и наука Весна Јаневска изрази загриженост поради појавите на врсничко насилство во земјава, нагласувајќи дека, и покрај преземените институционални мерки и кампањи, сè уште се забележуваат загрижувачки состојби, пренесе МИА.
Јаневска посочи дека Министерството за образование и наука има изработено прирачници за училиштата, воспоставен систем за постапување при врсничко насилство и организирано бројни обуки за наставниците и стручните служби. Дополнително, воспоставена е повеќемесечна соработка со Комората на психолози за рано препознавање на насилството.
Според министерката, не е забележан пораст на процентот на врсничко насилство, туку зголемена бруталност во случаите, како и нова загрижувачка појава на апатија кај останатите деца, кои преку недејствување, снимање или набљудување на насилството стануваат дел од проблемот.
-Мене ми е жал што сè уште во Македонија се случуваат вакви нешта, иако ние како Министерство водиме агресивна кампања против врсничкото насилство. Направени се прирачници за во училиштата, воспоставен е систем на делување во случај на врсничко насилство во училиштето, за наставниците, за стручната служба, за директорите, поврзаноста на образовниот систем со социјалните служби, со МВР – изјави Јаневска.
Таа одговараше на новинарско прашање во врска со врсничкото насилство меѓу малолетници во Тетово, во рамки на денешната панел-дискусија „Извештајот на Европската комисија за 2026 – напредок и реформи“, што се одржа во Владата.
Министерката посочи дека се преземени дополнителни активности, меѓу кои барање наставниците да бидат присутни во училишните ходници и дворови, како и предлог за казна од 250 евра за родителите, кој сè уште е во собраниска процедура.
Психолозите ќе обезбедуваат совети преку нова платформа
Јаневска информираше дека Министерството склучило договор со Комората на психолози, чии стручни лица во изминатите неколку месеци работеле на терен и ги обучувале наставниците, стручните служби и родителите.
Таа нагласи дека вклучувањето на родителите е особено важно за раното препознавање на насилството, посочувајќи дека според стручните лица, значителен дел од врсничкото насилство е поврзан со семејното насилство.
-Се обидовме да вклучиме родители, оти тие се значајна алка. Таму оди малку потешко процесот, но и тоа го правиме, во правец на рано препознавање кај детето дека трпи некаков вид насилство и го поврзавме со семејното насилство – рече Јаневска.
Таа најави дека во рамки на кампањата ќе биде воспоставена платформа на која наставниците, родителите и социјалните службеници ќе можат да пристапат до советите на психолозите за работа со деца.
Министерката потенцираше дека одговорноста за грижата за децата не може да биде оставена само на училиштата, социјалните служби или Министерството за внатрешни работи.
-Секој треба да сноси одговорност за секоја акција што ја спроведува. И малолетниците, без оглед што се малолетници, но и нивните родители секако треба да имаат одговорност. Ова повеќе пати сме го кажале и мора да станат свесни дека мора сите заедно да водиме грижа за децата – истакна Јаневска.
Таа најави дека Министерството ќе продолжи со кампањите и обуките против врсничкото насилство, додавајќи дека оваа појава не е присутна само во Македонија.
































