По повеќе од 15 години запуштеност, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција за потребите на македонската полиција. Со инвестиција од речиси 5,7 милиони денари, објектот е обновен и оспособен за неполни три месеци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посетил Полициската академија, каде што се уверил во функционалноста на обновениот базен. Во него веќе се вршела проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Од МВР посочуваат дека базенот повеќе од 15 години бил надвор од употреба, поради што генерации полициски службеници немале можност да го користат за обука и професионално усовршување.
– Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен го вративме во функција за неполни три месеци. Тоа е разликата меѓу негрижата и конкретните резултати. Со инвестиција од речиси 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници, за нивна обука, усовршување и одржување на физичката подготвеност – истакнал Тошковски.
Базенот ќе се користи за обука и спасувачки вежби
Според МВР, обновениот базен ќе биде наменет за обука на идните полицајци, специјализирани тренинзи на полициските единици, спасувачки вежби и одржување на физичката подготвеност на полициските службеници.
Министерството потсетува дека објектот има и посебно место во македонската филмска историја. Во 1977 година, токму во базенот биле снимени сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од спортскиот подвиг на Атина Бојаџи.
Повторното ставање во функција на базенот е дел од пошироките инвестиции во модернизацијата на македонската полиција. Во изминатиот период е обновен комплексот на Полициската академија во Идризово, повторно е активирано Средното полициско училиште, набавени се нови полициски возила, а наскоро се очекува и пристигнување на новите, целосно ребрендирани полициски униформи.
– Продолжуваме да вложуваме во знаењето, подготвеноста и професионалниот развој на полициските службеници, затоа што вложувањето во нив е вложување во посилна полиција и побезбедна Македонија – порачал Тошковски.
МВР најавува продолжување на инвестициите во полициската инфраструктура, опремата и условите за обука и работа, со цел натамошно зајакнување на капацитетите на македонската полиција.






































