Фото: ЕПА

Кибернападите врз фрижидерите во малопродажните синџири за прехранбени производи во Европската Унија не се изолирани случаи. Ова денеска го соопшти портпарол на Европската комисија, одговарајќи на новинарски прашања по извештаите за проблеми во работењето на фрижидерите во неколку европски земји во последните 24 часа.

Европската комисија денеска организира две средби посветени на случајот. На едната ќе учествуваат претставници на европските служби, меѓу кои и Европол, а на втората претставници на земјите членки на ЕУ.

Фото: ЕПА

Портпаролот нагласи дека утврдувањето на сторителите не е во надлежност на Европската комисија, туку на погодените земји, кои ги спроведуваат истрагите.

– Не е наша работа да го утврдиме сторителот на ваквите дејствија. Проверките ги вршат погодените земји, но важно е да се биде подготвен – истакна тој.

Според Европската комисија, неодамнешните настани повторно покажуваат дека кибернападите можат да предизвикаат нарушувања во испораката на основните услуги и да влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните.

Комисијата ја следи работата на истражителите и настојува да обезбеди размена на информации меѓу земјите членки за причините и последиците од нападите.