фото: Маја јаневска-Илиева/ илустрација

Јавното обвинителство на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани истакна сериозни забелешки на трите вештачења и на директното и на вкрстеното сослушување на градежниот вештак Петре Русески, кој го има изработено градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети, оценувајќи дека Русески не ги исполнува законските и стручните услови, како и методолошките стандарди неопходни за едно вештачење да претставува објективно и веродостојно доказно средство, пренесе МИА.
​
Според Обвинителството, вештакот сам потврдил дека не е стручен за повеќе области клучни за овој предмет, а сепак изведува заклучоци од области како противпожарна заштита, урбанизам, инсталации, безбедност на објектот, неговата намена и подобност за вршење угостителска дејност.
​
– Овие прашања се суштински и не може да се расчистат со парцијално согледување на објектот и без притоа да се земат предвид изведените инсталации и сите други услови што со закон треба да ги исполнува објектот од ваков вид. Затоа, надвор од својата специјалност, вешто лице не може да дава стручни заклучоци, особено кога тие не се резултат на стручни испитувања – изјави јавниот обвинител Борче Јанев.
​
Од Обвинителството сметаат дека е посебно спорно сведувањето на прашањето за безбедноста на објектот исклучително на тоа дали биле зафатени неговиот габарит и носечките елементи, без анализа на целокупната промена на функционалната намена, изведените интервенции, зголемениот капацитет на посетители и фактичката состојба во согласност со документацијата.
​
Според нив, спорна е и констатацијата дека објектот ги исполнува условите за дискотека, што е во суштинска противречност со фактичката и правна состојба, без претходно спроведена законска постапка за пренамена.
​
– Безбедноста на еден објект не се оценува апстрактно, туку во однос на неговата конкретна намена, начинот како се користи и вградените материјали. Особено загрижува начинот на кој вештакот ги релативизира недостатоците од областа на евакуацијата и противпожарната заштита. Во сите три вештачења воопшто не може да се препознае настанот за кој се изработени, со оглед на тоа што последицата ја нема никаде – ниту на почетокот ниту во заклучоците. Ова вештачење содржи противречности и ограничувања и не може да се прифати како целосно стручна и релевантна основа за утврдување на фактичката состојба – смета Јавното обвинителство.
​
Во текот на претходните рочишта Обвинителството ги оспоруваше заклучоците на Русески за градежните интервенции, документацијата и условите за евакуација, а вештакот остана на ставот дека од градежен аспект немало реконструкција или пренамена, туку внатрешно ентериерно уредување и занаетчиски работи.
​
На почетокот на денешното рочиште и адвокатот Ванчо Шехтански, бранител на обвинетиот Миле Ампов, изнесе сомневање во вештачењето на Русески оценувајќи го како контроверзно поради тоа што ниту во вештачењето ниту во сослушувањето не биле опфатени електричната инсталација на објектот и неговото напојување.
​
Судењето продолжи со сослушување на Османли Јоргов, техничко лице кое го изготвило вештиот наод и мислење на барање на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци Проект“.
​
Случајот се наоѓа во доказна постапка со изведување докази на одбраната, која има најавено повеќе од 240 сведоци.
​
Процесот започна на 19 ноември 2025 година, кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 физички и три правни лица. Во меѓувреме, еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, почина.

Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
​
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, што претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.