Македонија ги има основните предуслови за квалитетна здравствена заштита, вклучително законска рамка, Стратегија за здравство 2021–2030, Национален план за безбедност на пациентите, механизми за акредитација и дигитални системи како „Мој термин“. Главниот предизвик е овие елементи да се поврзат во функционален национален систем со јасно утврдени одговорности, соодветни ресурси и редовно следење на напредокот, беше истакнато на Втората национална работилница за зајакнување на националната рамка за квалитет на здравствената заштита, пренесе МИА.
Работилницата се одржа со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), во соработка со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи (АКАЗУМ). На настанот се обрати министерот за здравство Сашо Клековски, а беа презентирани и резултатите од националната проценка на квалитетот на здравствената заштита.
Проценката била спроведена во изминатите месеци со стручна поддршка од Канцеларијата на СЗО во Скопје и Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствената заштита и безбедност на пациентите во Атина. Била применета алатката на СЗО за национална проценка на квалитетот, која опфатила анализа на документи, консултации со институции, здравствени работници и претставници на пациентите, како и теренски посети на клиники, болници и установи од примарната здравствена заштита.
-Имаме закони, стратегии и системи, но тие сè уште не функционираат како еден систем. Нашиот предизвик не е да донесеме нови документи, туку постојните навистина да профункционираат во практиката – изјави Клековски.
Министерот ги посочи трите приоритети: унапредување на безбедноста на пациентите и надминување на културата на неказнивост, поврзување на финансирањето на здравствените услуги со нивниот квалитет и јасно утврдување на одговорностите на секоја институција.
-Грешка што не е пријавена е грешка што ќе се повтори. Ни треба систем во кој пријавувањето е заштитено и од кој учиме, а здравствениот работник што пријавил добива поддршка, а не последици – рече Клековски.
Тој најави подготовка на Национален план за квалитет на здравствената заштита, во кој ќе бидат утврдени ограничен број приоритети, одговорни институции, потребни ресурси, рокови и показатели за следење на напредокот. Министерството за здравство ќе има водечка улога во процесот, а паралелно се работи и на унапредување на законската рамка за воспоставување стандарди и механизми за управување со квалитетот и следење на резултатите.































