Фото: МИА

Министерството за здравство ќе се залага за спречување на нерегулираната дополнителна работа на лекарите од јавните здравствени установи во приватниот сектор, најави министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој посочи дека дополнителната работа на лекарите е неопходна, особено за обезбедување здравствени услуги во болниците надвор од Скопје, но нагласи дека сегашниот систем е хаотичен и остава простор за злоупотреби.

– Мора да има дополнителна работа на лекарите вработени во јавното здравство, меѓутоа не вака хаотична, анархична и со многу можности за злоупотреби. Жестоко ќе се залагаме да се спречи работењето на лекарите без договор во приватни здравствени установи – изјави Клековски.

Според него, во 2023 година, по иницијатива на група пратеници, дополнителната работа на докторите вработени во јавните здравствени установи беше максимално либерализирана.

Министерот посочи дека во повеќе случаи што ги разгледува Министерството, лекарите работат во приватни здравствени установи без склучени договори, а некои од нив воопшто не се регистрирани како даватели на здравствени услуги во тие установи.

– Тоа го прават без знаење на матичните здравствени установи. Жестоко ќе се залагаме тоа да се спречи. Дополнителната работа треба, меѓутоа таа мора да е уредена, регулирана и во согласност со законите – нагласи Клековски.

Тој додаде дека ќе мора да се преиспитаат условите, надзорот и контролата врз дополнителната работа на лекарите, со цел да се спречат евентуалните злоупотреби.