Одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка а.д. Белград се однесува исклучиво на работењето на банката во Србија и не значи автоматско одземање на дозволата за работа на АЛТА банка АД Битола, информираат од Народната банка на Македонија.
Од таму посочуваат дека домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во земјава, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор, ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби.
– Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност – се наведува во соопштението.
Од институцијата додаваат дека, во рамките на законските надлежности, соодветно постапуваат и соработуваат со надлежните домашни и странски институции, притоа почитувајќи ги законските правила за доверливост на супервизорските информации.
Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава по сеопфатна постапка, во која се оценуваат законски утврдените критериуми врз основа на официјално достапните податоци.
Народната банка апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации.
Институцијата најавува дека внимателно ќе продолжи да ја следи состојбата и да постапува независно, професионално и во рамките на законските надлежности, со цел да се зачуваат сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите.
































