Денеска нè очекува претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат со слаб до умерен интензитет. Повеќе дожд се очекува во попладневните часови и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека минималните температури ќе се движат од 7 до 12 степени, додека максималните ќе достигнат од 11 до 16 степени.
Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време со повремен дожд, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб северен ветер, а температурата ќе се движи од минимални 9 до максимални 14 степени.
Променливо и врнежливо време нè очекува и во наредните денови. Под влијание на циклонска активност, до вторник времето ќе биде претежно облачно и постудено, со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.
Пообилни врнежи се прогнозираат во недела и во понеделник, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник. На повеќе места се очекува да наврнат над 25 литри дожд на квадратен метар за 24 часа, а локално вкупната количина во текот на прогнозираниот период може да надмине и 60 литри на квадратен метар.
Од среда следува стабилизација на временските услови. Иако ќе остане постудено, времето ќе биде претежно суво и стабилно.

































