АВАНТУРИЗМОТ НА ФОН ДЕР ЛАЈЕН ПОКАЖУВА ДЕКА ЕУ НЕМА КАПЕТАН НА БРОДОТ
- Ние рековме и предупредивме дека планот за создавање некаква „ЕУ-Канадонија“ е опасен вирус и тоа сега се покажа на дело во Монтреал. Проблемот, сепак, е поголем затоа што првиот удар врз оваа идеја на Фон дер Лајен дојде од Германија, а вториот од Трамп и однатре од Канада. Оттука логично е да се прашаме – дали е осуден на неуспех и планот за проширување кон Балканот, особено важно прашање за Македонија, која се изначека за членство затоа што едноставно нема координација, нема капетан на бродот
Не толку одамна напишавме дека од лабораторијата на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, избегал вирус наречен „ЕУ-Канадонија“, и рековме дека тоа е опасен вирус што има намера да ги спои ЕУ и Канада во некаква нова трансатлантска конструкција. Фон дер Лајен ја почна таа „операција“ откако стана јасно дека Исланд нема намера да влегува во ЕУ како полноправна членка за да избегне удар врз својот суверенитет, идентитет и економија.
До каде стигна идејата за „ЕУ-Канадонија“? Заринка во Монтреал, и тоа на самитот Канада-ЕУ. Сепак, да се каже заринка не е доволно, затоа што има мастраф за подлабока анализа, која може да ни отвори прозорци и со јасен поглед да видиме каде е денес светот и како тој е поставен. Да ни стане појасно на какво столче Македонија ќе седи во ЕУ.
Можеше да се помисли дека станува збор за фројдовска грешка, односно дека потсвеста проговорила кај претседателката на ЕК, кога таа смисли нешто што се вика „придружно членство без членство за Канада“. За државите од Западен Балкан, кои се кандидати за членство, пак, има и дополнително објаснување – пробен период од 15 години. Секако, ова не е фројдовска грешка, туку очајно барање решение за излез од состојбата во која е ЕУ на глобалната шаховска табла. Кралицата е пред пад, затоа што идејата не е разработена ни дома, значи во Европа, а ниту со сојузниците, па ни со глобалните сили како Кина или Русија. Ќе објасниме зошто е тоа важно.
Отворајќи го пакетот со понудата за Канада, Фон дер Лајен веднаш доби предупредување од германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Берлин не се согласува со понудата за Канада и таа мора да се повлече. И тука веднаш се наметнува прашањето – кој е капетан на ЕУ-бродот и има ли воопшто капетан? Има ли консултации меѓу Брисел и другите членки? И покрај овој германски удар, Фон дер Лајен изјави дека не се откажува од својата идеја Канада да биде придружна членка на ЕУ, па сега е договорено во одреден период до наредниот самит да се бара нова терминологија. Што ли ќе реши терминологијата?! Македонија од сопствено искуство може да каже дека терминологијата не решила ниту еден проблем, напротив направила дополнителни. И дека главниот проблем лежи во нејзините двојни стандарди, кои се гледаат токму на примерот со Канада, а можат да се редат потоа и земји како Украина или Молдавија. Процесот за преговарање со ЕУ е апсолутно компромитиран! И затоа бегството од оваа авантура ќе се бара во текстуален излез од калта во која зацапа ЕУ заедно со целата Европа, а членството ќе се замени со зајакнато партнерство. Ни звучи познато, нели.
ЕУ КАКО „ЕВРОСОНГ“
Што, според шефицата на ЕК и нејзиниот тим, значи давањето придружен статус за Канада?
– Ова е отворено само за нашите најблиски партнери надвор од Европа, кои се подготвени заедно да отворат нови хоризонти – заедно да го одредат правецот, да размислуваат подалеку од рамките на нашето денешно партнерство, кон најамбициозната верзија на она што можеме да го изградиме… и не можам да замислам поприроден партнер од Канада со кој би можеле да тргнеме на ова патување. Канада не може да стане полноправна членка на ЕУ поради географски причини – изјави Фон дер Лајен.
Географијата не е најголемата пречка, затоа што Лисабонскиот договор може да отвори извесен прозорец на можности, ако се сака, но, сепак, ЕУ не е „Евросонг“. Овие ЕУ-маневри се будно следени од големите сили и економии, пред сѐ Америка, која токму преку претседателот Доналд Трамп предупреди дека т.н. „ЕУ-Канадонија“ е закана за американските интереси. Прв контраодговор на Вашингтон би бил наметнување царини и за Канада и за ЕУ, а нема да спие ниту Кина. Сосема е изгледно на самитот на АПЕК, кој ќе се одржи во кинескиот град Шензен на 18-19 ноември годинава и каде што е најавено дека ќе дојдат Путин, Џинпинг и Трамп, е можно да се разговара и за ова трансатлантско спојување, при што во заднина се гледаат и контурите на Австралија, која е маркирана како сериозна база за црпење ретки минерали од страна на компании од ЕУ.
СВЕТОТ НЕ Е ДИВ ЗАПАД
Ова е едниот проблем што може да го урне планот на Брисел, но има многу повеќе. Вториот го видовме токму во Монтреал и, како што вели народот, каменот доаѓа од близу. Премиерот на Квебек испрати отворено писмо до лидерите на ЕУ (ЕК) пред да тргнат во авантура со канадските власти да имаат предвид дека според Уставот на Канада провинциите имаат право на свој став, што значи се потребни консултации и со нив. Премиерот на Квебек, втората по големина провинција, Пол Сен-Пјер Пламондон, реши да се обрати јавно преку социјалните мрежи затоа што не му било дозволено официјално обраќање на самитот иако тој се одржува токму во Квебек. Причината може да биде и намера да се избегне некаков политички скандал, затоа што токму тој ја предводи кампањата за одвојување на Квебек од Канада, што ќе значи е сепаратист. И ова е сериозно внатрешно прашање на релацијата Отава-Монтреал, а дополнителен проблем е со меѓународните клаузули, кои во овој случај не можат да се избегнат. На пример во рамки на БРИКС има размислувања за големи економски проекти, кои бараат здружување на моќни економии како што се Индија или Кина на пример, но тие имаат законски проблеми затоа што светот не е Див Запад, туку важат конвенции, а во овој случај тоа се нормите под чадорот на Светската трговска организација.
И така, ЕУ заглави со Балканот и заринка со Канада. Двојните стандарди ја удираат сериозно по глава.
































