Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со прибирање докази во истрагата за двете разбојништва со смртни последици, извршени во скопските населби Хром и Ѓорче Петров. За четворицата осомничени денеска ќе биде доставен предлог за определување нов краткотраен притвор во траење од 48 часа.
– Се преземаат дејствија за прибирање докази, а јавниот обвинител до судот денеска ќе достави предлог за определување нов краткотраен притвор од 48 часа – информираа од Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи на 28 октомври соопшти дека во врска со случајот биле лишени од слобода четири лица: А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58), сите од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица.
Тие се сомничат за две кривични дела „разбојништво“ со последица смрт, извршени на 22 октомври во Хром и на 27 октомври во Ѓорче Петров.
Од МВР тогаш информираа дека приведувањата биле реализирани во координација со Основното јавно обвинителство Скопје и врз основа на издадени наредби од обвинителството, со цел обезбедување и комплетирање на доказниот материјал за натамошната постапка.
































