Повторно сме во месец што ќе нѐ потсети на големата Кубанска криза од 1962 година, која се закани со употреба на јадрени ракети од тогашните атомски велесили СССР и Соединетите Американски Држави. Кулминацијата на увертирата во нуклеарен судир е најавена во моментот кога американскиот шпионски авион У-2 во близината на кубанскиот град Сан Кристобал, при снимање на теренот, утврдил дека Советите се подготвуваат за инсталација на јадрена ракетна база. Потоа сѐ до завршувањето на кризата кон крајот на октомври, па и почетокот на ноември, САД ги повлекле ракетите од Италија и Турција за СССР да се откаже од своите намери во Куба. Тоа е времето кога е воспоставена „црвената врска“ помеѓу двете велесили, а тогашните лидери Кенеди и Хрушчов зачекориле по патот на една помирна епоха. Повеќе од половина век е доволен временски период сеќавањата да гаснат, особено кога станува збор за нешто навистина непријатно. Но од друга страна, пак, примерот треба да обврзува за да не се повтори. И каде е светот во моментов? Се разбира дека во него врие како во котел. Се разбира дека дури и сега има непријатни и неприлични закани од суперсилите упатени кон сите инволвирани во големиот број воени конфликти за употреба на страшно оружје за масовно уништување. Ако се рече дека конвенционалното војување е „поблага“ форма на меѓусебно уништување, тоа не им значи ништо на сите оние што учествувале во конфликтите и притоа ги загубиле сопствените животи. Страшно е што светот продолжува со „машкоста“ на патриотизмот зад кој суптилно се затскрива вистинскиот причинител на големата „ѓурултија“.
Низ историјата на своето постоење, светот знаел да збудали. Некогаш многу, некогаш многу повеќе. Грд заклучок и израз, но и фактичка состојба. За да се заблажи тоа, може да се каже дека тој умеел многу често да застрани. Што да се рече за денешниве состојби? Малку ум и разум, повеќе излети и опасни експерименти на општествено-политичката глобална сцена. Оваа состојба или поточно кажано крвава претстава, се чини како систем за целосно урнисување на вредносни критериуми, но и состојба на ортодоксна небиднина. Жалосно е да се заклучи дека наспроти таа видлива состојба постојат безличност, лежерност и помирување со случувањата, кои се претежно деструктивни. Ова не му служи на чест на неговото височество – човекот. Некој може да се сложи со ова, но мнозина сигурно не. Тие се подготвени да осудат убедени дека тоа не е така и дека оваа цивилизација сепак се движи во посакуван правец. Демек, тој сепак нуди перспективи и подобри облици на секојдневие – на живот. Како и да е, кога по некои стандардни критериуми на интелектот застранувањето ќе стане нормалност, човек да се запраша што ќе биде следно на животното мени. Колку и да се пренебрегнат, судирите низ европскиот континент тие застрашуваат со некој непосакуван епилог.
Гледаме и тешко можеме да поверуваме на обемни деструктивни постапки на учесниците во „парадата“ на безумието. Исто така, очигледни се намерата и себичниот пристап на властодршците постојано да пролонгираат со решавање на натрупаните проблеми. Сликите што ги гледаме по европските градови изгледаат некако апстрактно и далечно, а сепак се секојдневие. Зарем сѐ што сме мислеле дека е далечно минато повторно чука на вратите на Стариот Континент – белегот на цивилизираниот свет? Некој сигурно би коментирал дека токму судирите во општеството и одамна прифатената статус кво состојба на сѐ поголема раслоеност на населението го придвижуваат општеството напред. Настрана засилената и длабоко утврдена дефиниција за зголемена класна поделба со сѐ подлабок амбис меѓу групите. Сепак, треба да оставиме времето да си го каже своето. Разумот и цивилизациските вредности отсекогаш биле карактеристика на Стариот Континент, па и покрај турбулентниот период низ кој тој поминува, за очекување е дека разгневената река повторно ќе се врати во сопственото корито. Па и ние сме дел од Европа, зарем не?
Култната новела на шкотскиот писател Р.Л. Стивенсон од 1886 година истенчено зборува за две алтер ега во една личност. Феноменот на конвенционалното и распојасано однесување на поединецот, па и на колективитетите надградено со сета контрадикторност, посебност, алиенираност и комфор, всушност е парадигма за денешниот свет, кој чекори по содржинската патека на новелата. Со еден збор, се работи за двојна личност или две личности во една иако денешниот хомосапиенс одамна ја прифати потребата за менување на маските на лицето, ама и на принципите. Можеби погледот напред на Стивенсон допре и до нашево време кога драстично е нарушена рамнотежата помеѓу приватното и јавното. Суштински, двојниот начин на содржините на свеста во кој доминираат доброто и злото е резултат на постојаната внатрешна борба на човекот самиот со себе. И додека д-р Џекил очајно ја губи доминацијата, мистер Хајд ја зголемува својата агресивност за сосема да загосподари со духот. Тоа значи дека злото полесно доминира со духот на човекот, кој полесно посегнува по порокот отколку по доблеста.
Што се случува денес со посебниот и колективниот дух кај луѓето? Тие се принудени во животниот галиматијас во кој доминацијата не трпи критика или корекции, да прибегнат кон политичка мимикрија што инсистира на прикривање на вистинските уверувања. Ако за мимикријата се вели дека е биолошки феномен при што еден организам еволутивно развива слична форма, боја и целосно емитира однесување на друг организам од окружувањето, тогаш да не се чудиме што веднаш потоа се протежира и Бејтсовата мимикрија, која вели дека е сосема природно кога еден безопасен вид за да опстане се претвора во грабливец што одбива грабливци. Оттука, овој биолошки феномен лесно навлекува на себе и политичко руво бидејќи човекот е пред сѐ „зоон политикон“. За жал, за него како мисловно суштество, се чини дека не постои друг начин за опстанок во светот на апсолутното, а тој свет е моќта. Се разбира, не станува збор за поединечна туку сѐ повеќе и за колективна мимикрија каде што и далеку поголеми колективитети од нас веднат глава пред плимата, која носи сѐ пред себе. Кога малку подлабоко ќе се анализира ваквата состојба, тешко е да се опстане и остане недопрен во светот што мрази апсолутизам и тиранија, а сѐ повеќе ги практикува.
Ставаме прст на глава и си спомнуваме за европските вредности кон кои се стремеше поголемиот дел од екумената. За поединци од светот на уметноста, науката, архитектурата, музиката и другите вредности, малку е и една долга, долга листа на која одамна се крунисани. Умни и разумни луѓе, на бесконечна лента на доблести. Нивните плодови го оплемениле светот и ја задолжиле нашата цивилизација за вечни времиња. Поради сето тоа, за очекување е разумот да надвладее над лудилото, а почитуваниот доктор Џекил конечно да ја однесе победата над воинствениот и злобен мистер Хајд. Ако не се случи тоа, веројатно човекот самиот кинисал да си ја сече гранката на која седи.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател
































